Повторно Австрија

Кире: „Другите нека мислат за нас“

23.01.2015 10:44

Македонските ракометари допатуваа на Мундијалот со желба да играат според принципот „чекор по чекор“, односно да се обидуваат да се концентрираат на секој нареден натпревар. Но кога по трите почетни средби обезбедија пласман во осминафиналето, се размислуваше и за натамошниот распоред...

Во пресрет на последниот натпревар од групната фаза на Светското првенство во Катар, во којшто противник ќе ни биде Австрија, мислите бегаат и кон нашиот евентуален ривал во осминафиналето. Словенија или Катар? Тоа се двете опции.

Македонските ракометари допатуваа на Мундијалот со желба да играат според принципот „чекор по чекор“, односно да се обидуваат да се концентрираат на секој нареден натпревар. Но кога по трите почетни средби обезбедија пласман во осминафиналето, се размислуваше и за натамошниот распоред.

„Не не интересира кој не очекува во неделниот дуел. Сеедно е дали ќе играме со Словенија или со Катар“, уверува капитенот Кире Лазаров. „Подобро е другите да мислат на нас отколку ние на нив“, потенцира нашиот ракометен „војвода“.

Катар е домаќин на првенството и ја совлада Словенија во меѓусебното соочување. Словеците, пак, потекнуваат од поднебје што има многу поголема ракометна традиција од средниот исток, а пред две години играа во полуфиналето. Тоа доволно зборува за нивната ракометна сила. Но ако се знае дека катарските ракометари имаат силна поддршка од трибините и дека ИХФ интимно посакува што подолго да бидат во игра за медалите на првенството, можеби Словенците се наша подобра опција. Сме играле со нив, на ЕП во Србија ги совладавме во борбата за петтото место. Сепак, првиот услов за добар резултат е квалитетна сопствена подготовка. Тоа го посакува капитенот Кире Лазаров затоа што знае, а знаеме и ние дека кога Македонија е на ниво пред неа можат да паднат и Словенија и Катар.

Според денешниот распоред, ние дури и би можеле да бираме. Ако светскиот првак Шпанија ја победи Словенија во мечот од 15 часот, тогаш Словенците се сигурно трети. Во таква многу веројатна ситуација, доколку Македонија загуби од Австрија ќе оди на Катар, а доколку победи или одигра нерешено со Австрија, во осминафиналето ќе вкрсти со Словенија.

„Сакаме да влеземе во елиминациите со четири победи во групата“, јасен е Кире Лазаров, отстранувајќи ги сите дилеми.

Македонија ќе оди на триумф против Австрија, а дали ќе го оствари видете во преносот на МРТ 1 од 17 часот. Денешната мундијалска програма од Катар ќе почне два часа порано со натпреварот Шпанија-Словенија.      

 

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ