Социјала

Еднократно отпишани над 7 милиони евра долгови!

23.01.2015 16:44

Власта со отчет за проектот „Отпис на долгови“. Досега се решени 4.670 предмети, отпишани долгови во вредност од над 7 милиони евра. Најголем дел се неплатени сметки за струја. Службите со полни раце работа. Секојдневно пристигнуваат барања до доверителите.

4.670 семејства од социјално – загрозените категории куртулија од извршителите.  „Еднократниот отпис на долгови“ ги спаси од наталожените обврски.

Вкупно им е простена сума од 427 милиони денари или нешто повеќе од 7 милиони евра. Најголем дел се за електрична енергија – 407 милиони.

„Постапуваме внимателно по сите барања, и по оние што биле позитивно и по оние што биле негатативно решени. Наша цел е да опфатиме што е можно поголем број граѓани, сакаме да им помогнеме на сите овие категории, бидејќи се работи за лица кои се во исклучително тешка финансиска состојба. Преку 90 проценти од позитивно решените барања се од корисници на социјална помош“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

 Властите се задоволни од динамиката на реализација на проектот, иако поради обемната документација ќе бидат потребни уште неколку месеци за негово комплетирање. Често, поднесените документи од должниците не се совпаѓаат со пресметките на доверителите, по што се прават дополнителни проверки. 2.700 барања биле нецелосни, по што службите им ги вратиле на апликантите да ги докомплетираат.

„Вкупниот број обработени предмети изнесува 35.214, што претставува 84,31 процент. Ова е показател дека процесот е во напредна фаза. Најголем дел од донесените одлуки и од износот на отпушаниот долг се од Скопје. Се работи за 895 одлуки со вкупен отпишан долг од 155 милиони денари“, изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Вкупно се поднесени речиси 42 илјади барања за простување на долгови. Податоците се проверуваат и кај надлежните институции и кај доверителите, а за таа намена се формирани три комисии и техничка служба. Во овој проект се влезени примателите на социјална и на постојана парична помош, невработени кои активно бараат работа, лица со семејни трагедии доведени во незавидна положба.

Мартин Пушевски