Отворен заеднички контакт центар на македонската и косовската полиција
По неколку месечно пробно работење, заедничкиот контакт центар на македонската и косовската полиција на граничниот премин Блаце ставен во функција. Неговото отвoрање – потврда за добрососедските односи...

Службениците на Македонија и Косово, на границата заеднички ќе ги извршуваат задачите. Во пробниот период преку контакт центарот биле откриени неколку кривични дела, разрешени спорни ситуации.
„Контакт центарот одлично функционира, што значи дека полициските службеници од двете страни на границата заеднички во овие простори ќе можат да извршуваат задачи од доменот на своето работење, да разменуваат информации, а се во функција на побрзо решавање на одредени спорни ситуации кои по природа можат да се јават на граничните премини“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Соработката на двете полиции е во нагорна линија оцени косовскиот министер. Потенцира дека ова е добар одговор за сите видови криминал.
„Регионалната соработка е димензија на која двете земји и даваат особено значење. Пред да влеземе во ЕУ треба да докажеме дека Западниот Балкан е подготвен за влез во европското семејство“, вели Скендер Хасани, министер за внатртешни работи на Косово.
Контакт центарот го опреми мисијата на ОБСЕ во Македонија.
„Заедничкиот контактен центар претставува конкретен материјален успех во борбата против транснационалните закани меѓу двете земји, како и успешен пример за соработка и взаемна доверба“, смета Ралф Брет, амбасадор на ОБСЕ во Република Македонија.
Овој граничен премин е еден од пофреквентните. Над два милиони патници во текот на годината го поминуваат.
Наташа Гркова-Петрушевска
