Меѓународни бизнис мрежи за подобар пристап до европските фондови за иновации

23.01.2015 17:59

Првите два бизнис иновативни центри ќе се отворат во Тетово и во Гази Баба, каде за таа цел веќе е формиран конзорциум...

Со помош на три меѓународни бизнис мрежи ќе се подобрува пристапот и искористувањето на европските фондови за иновации. Ќе се учи од европските бизнис ангели и 166-те иновативни бизнис центри, а ќе се применува ирското знаење. На овој начин, шпанска Валенсија искористила 85 милиони евра за иновации и развој.

„Целта е да се создаде систем на кој нашите компании од Македонија ќе можат директно да имаат партнери и во делот на бизнисот и во делот на развој и иновации и зголемување на нивната компетитивност“, вели Илија Вучков, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Моделот се потпира на 4 столба: приватен, јавен, академски и невладин. Веќе функционира во странство и ќе се имплементира во наши услови. Првите два бизнис иновативни центри ќе се отворат во Тетово и во Гази Баба, каде за таа цел веќе е формиран конзорциум.

„Како резултат на овие политики и бележиме скок на  табелата за глобална конкурентност на светско ниво за 10 места во текот на изминатата година. Македонија во овој момент во регионот, после Бугарија претставува најконкурентна економија“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

Шпанскиот рецепт за влечење европски пари е едноставен.

„Општините и владата, работат заедно со индустријата и универзитетите на старт- ап бизнисите. Што прават? Да обезбедат пристап до јавните фондови од ЕУ, расположливи инструменти од Европската инвестициска банка за финансирање иновации на полето на: туризмот, менаџирањето со водите, обновливата енергија“, објаснува Хозе Мануел Ревуелта, Европска фондација за иновации на регионално и локално ниво.

Вториот форум посветен на иновациите и локалниот економски развој го организира општината Гази Баба.

 

Свето Николовски