Доколку победи, Сириза ги прифаќа црвените лини на Самарас

23.01.2015 13:13

ЕУ е загрижена за резултатите од изборите во Грција. Не постојат драстични разлики во генералниот став на водечките грчки партии, во однос на надминувањето на разликата околу името. И по изборите, доколку победи, Сириза ги прифаќа црвените линии на Самарас. Од сегашната опозициска партија во Грција, сепак признаваат дека проблемот скапо ја чини Атина...

Европската унија не ја крие загриженоста за резултатите од изборите во Грција и враќањето на „грчкиот проблем“ на европската сцена. Но, Македонија проблемот со Грција го има од своето осамостојување.

На последната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, на вицепретседателот, грчкиот европратеник Димитрос Пападимулис, од коалицијата на радикалната левица, му поставивме прашање - дали евентуалната победа на левицата во Грција ќе доведе до напредок во надминување на разликата околу името и ќе ги забрза евроинтеграциите на Македонија.

Одговорот на Пападимулис, беше многу дипломатски:

„Мојата политичка партија која ја создаде Сириза, на времето пред петнаесет години го поддржа пакетот Пињеиро, предлог на Европската унија за време на португалското претседателство. Дополнителните мерки дозволија да се намали затегнатоста во двете земји, но за жал предлозите беа отфрлени од двете земји. Грчката влада, сега, со многу години задоцнување прифати сложено име, тоа задоцнување чинеше скапо. Владата на соседната земја пак не ја прифаќа оваа идеја и ниту еден компромис за заедничко име“, одговри Пападимулис.

Што се однесува до можноста за напредок, тој ја дообјаснува позицијата:

„Ако сакаме да склучиме договор, двете страни треба да бидат на иста бранова должина. Сите кои живеат на северот од Грција, потребно е нивниот идентитет, име и историја да бидат почитувани, како и на нашите северни соседи што го имаат истото право. Можеме да користиме едно сложено име со географска одредница кое нема да предизвикува националистички проблеми.“

https://ssl.gstatic.com/ui/v1/icons/mail/images/cleardot.gif

Од оваа и од другите изјави на претставниците на радикалната грчка левица произлегува дека не треба да се очекуваат некои поголеми промени во политиката на Атина кон нашата земја.

 

Тони Гламчевски