Надлежните ја следат состојбата со зголемените водотеци
23.01.2015 17:16
Според последните информации од УХМР како критични подрачја каде е можно зголемување на водостојот и локално излевање на водата од речните корита сливот на реката Брегалница...

Координативното тело ја следи состојбата со зголемените водотеци и е во постојана комуникација и координација со надлежните институции кои се подготвени да интервенираат во случај на зголемување на водостојот на реките.
Според последните информации од УХМР како критични подрачја каде е можно зголемување на водостојот и локално излевање на водата од речните корита сливот на реката Брегалница, сливот на Крива Река, сливот на река Треска кај месноста Пласница и низводно до Девичката Клисура, река Пчиња кај Пелинце и по составот со нејзината лева притока р.Крива како и Струмичкиот регион.
Во соопштението се наведува дека на овие места состојбата моментално е под контрола и се следи.
На места каде има поплавени површини или одрони на патиштата, тимови вршат испумпување на водата односно се врши расчистување на патиштата. Информациите од ЦУК се дека и таму состојбата е ставен под контрола.
Од Координативното тело ги повикуваат сите градоначалници да ги ангажираат сите расположливи ресурси и да помогнат во санација на оштетените површни.
Од УХМР информираат дека во текот на целото претпладне во источните делови од земјава имаше локални поројни врнежи од дожд, проследени со грмежи и засилен, а на места повремено и силен ветер (во струмичко околу 100км/час). Имаше и појава на ситен град во општина Конче, а во Струмица појава на град, ретки зрна и со големина на орев. Нестабилноста која се протега од Кожуф, па се до Осоговските Планини постепено се поместува кон исток и североисток.
Најмногу дожд 62 литри на метар квадратен има наврнато во Пожар 62, Крива Паланка 55, Штип 41, Демир Капија 40, Виница 30, Гевгелија 19, Струмица 14, Берово 7 и во Гуриште 5, Скопје 3 и во Охрид, Прилеп, Тетово, Маврово, Крушево, Тополчани и во Лазарополе еден литр на метар квадратен.
Преку ноќта ќе преовладува облачно време локално се уште ќе има повремени врнежи од дожд но со послаб интензитет, на планините со повремен слаб снег.
Во наредните денови ќе преовладува променливо облачно време со локален повремен дожд, на планините и на некои повисоки места со повремен снег.
Воедно се апелира до сите градоначалници доколку имаат било каква потреба од помош да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување.
