Еврото го достигна својот минимум
23.01.2015 18:25
Судбината на еврозоната како главен трговски партнер на САД, Велика Британија, Источна Европа и Азија е од витално значење за светската економија...

Еврото ја достигна најниската вредност во последните единаесет години...По вчерашната објава на ЕЦБ за планот за инјектирање илјада милијарди евра во еврозоната преку откуп на државни обврзници, вредноста на валутата падна за речиси 2 насто во односот на доларот. Банката одлучи главната каматна стапна да се задржи на непроменето рекордно ниско ниво од 0,05 насто.
Скептиците велат дека проблемите на Европа се надвор од досегот на монетарната политика и укажуваат на тоа дека се потребни итни структурни реформи. Судбината на еврозоната како главен трговски партнер на САД, Велика Британија, Источна Европа и Азија е од витално значење за светската економија.
Европските челници предупредија дека стагнацијата мора да се прекине ако се сака избирачите и натаму да го поддржуваат концептот на заедничка валута. Банките кои се главен извор на кредити за претпријатијата во еврозоната ќе добијат повеќе пари, но економското опоравување ќе зависи од тоа дали самите претпријатија ќе решат да се задолжуваат.
Фирмите се надеваат дека планот на ЕЦБ за инјектирање илјада милијарди евра во економијата ќе го охрабри растот и вработувањето за нивните компании.
„Секако дека сакаме банките да ни дадат заеми. Тврдењата се дека тоа успеало во САД и во Англија. Работата е стабилна, но не онака како што би сакале. Ако ова ни го даде потребниот поттик, ќе не искачи на подобро ниво“, вели Стиг Налбандијан, директор на Олсен Метал, Данска.
Европа продолжува да се бори со кризата од прекумерниот државен долг, најголем во Грција, Португалија и во Ирска.
Се повеќе се шири стравот дека без помошта од Европската Централна Банка, еврозоната ќе се соочи со хроничен пад на цените.
Марина Автовска
