На ракометниот Мундијал во Катар

„Нацртана“ половина од 1/8-финалната шема

23.01.2015 22:08

Македонија ја оствари целта. Со осум бода втора во групата „Б“ по триумфот над Австрија од 36-31, за позиција веднаш зад Хрватска...

Македонија-Словенија, Хрватска-Бразил, Шпанија-Тунис и Катар-Австрија. Тоа се првата половина од осминафиналните двојки на ракометниот Мундијал во Доха, по крајот на уводната фаза од „А-Б“ сегментот на групите. Со оглед на досегашниот тек од натпреварите, ништо неочекувано, тоа се осумте селекции од овој дел коишто наполно заслужено се вброија во топ-16. 

Македонија ја оствари целта. Со осум бода втора во групата „Б“ по триумфот над Австрија од 36-31, за позиција веднаш зад Хрватска, којашто максималниот ефект во првите пет меча со вкупно десет бода го заокружи со победата над Босна и Херцеговина од 28-21. Австријците завршија трети на табелата со пет бода, исто колку што собра и Тунис по завршниот успех над Иран од 30-23. Меѓусебниот двобој им заврши нерешено, но Австрија има подобра вкупна гол-разлика од африканскиот тим. Во утешното разигрување од 17-то до 24-то место, на т.н “Президентс Куп“, од оваа група одат Босна, којашто дебито на светските првенства го заврши со само еден полн погодок, над Иран, којшто, пак, остана на нула.

Во групата „А“, на Словенија и беше јасно дека не ќе може против светскиот првак Шпанија да го брка второто место преку евентуален круг од три селекции со еднаков број бодови. Штедеше дел од силите, однапред подговена за дуел в недела со Македонија. Резултатски Словенците беа во игра иако постојано губеа со 3-4, па и повеќе разлика, за на крајот „фуријата“ да победи со 30-26. Бранителот на насловот забележа пет победи. Само една помалку оствари Катар, последната против Белорусија од 26-22 за потврда дека селекцијата-домаќин не случајно е конкурентна и со осум бода веднаш зад Шпанците во групата. Последното 1/8-финално место од оваа конкуренција го завери Бразил по триумфот над Чиле во јужноамериканскиот дуел. Словенците собраа 6, „кариоките“ 4 бода, Белорусија разочара и заедно со Чиле ќе разигрува за пласман при дното.

1/4-финалната шема саботно ќе ја заокружат натпреварите од последното петто коло во групите “Ц“ и “Д“, од коишто и ние би го добиел нашиот евентуален ривал во 1/4-финалето. 

Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ