Градинка во рамки на компанија- сон за многумина родители
Градинките не работат за викенди и празници, додека за голем дел од фирмите тоа се работни денови. Градинка во рамките на компанијата во која што работат е сон за многумина родители. Првата ваква градинка се очекува да биде отворена годинава...

Брзаш за во градинка, па трчаш на работа. Повторно назад низ сообраќајниот метеж за да се земе детето навреме- секојдневна родителска маки. Детски градинки во рамките на компаниите во европските земји одамна се реалност и кај нас годинава законски ќе се регулираат. Текстилната фабрика „Окитекс“ функционира според овој модел - ги згрижува децата на своите вработени.
„Детето е згрижено, поблиску до мене во секое време можат за било какви проблеми можат да ме повикаат да го видам“, изјави Мирјана Тасески, родител.
Регистрирана е како игротека и работи според сите стандарди , а за децата се грижат воспитувачка и негувателка..
„Сите нутриционистички стандарди ги исполнуваме како и сите други градинки, компанијата екстерно носи храна која што е во согласност со законот за градинки, меѓутоа заради регистрацијата моментално сме игротека“, вели Габриела Павловска, заменик генерален директор на „Окитекс“.
Освен Окитекс, интерес се очекува да има и од странските инвеститори во економските зони.
„И во минатото во Македонија во поголемите фабрики пред 20-30 години имало градинки каде што вработените ги оставале децата од предучилишна возраст на згрижување и воспитување- токму поради тоа ја инициравме оваа измена“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Од овие градинки фирмите не очекуваат финансиски бенефит, но ќе доведат до лојални вработени.
Искуствата покажале, вработените се поефикасни на своите работни места, кога знаат дека нивното дете е блиску до нив. Ослободени од ваквиот притисок, полесно се соочуваат со реалната потреба од прекувремена работа.
Андријана Атанасовска
