СП Катар 2015
Да се биде или не
24.01.2015 10:54
Македонија има цел и засега цврсто оди кон неа.За нас е минато времето кога беше важно само да се учествува...

Македонија е меѓу 16-те најдобри репрезентации во светот.Вече и не е вест откако пласманот во нок-аут фазата нашите ракометари го обезбедија уште пред неколку дена со три последовни победи на стартот на Светското првенство над селекциите на Тунис,Иран и Босна и Херцеговина.Против Тунис играа како по ноти,речиси без грешка,со Иран и Босна не беа убедливи ,но карактеристика на големите е да победуваат и кога не оди најдобро.Поразот против Хрватска дојде во добра игра,можеби имаше и шанса за поволен резултат што не ја искористивме, но тоа не го наруши високиот морал за следна рутинирана победа против Австрија,победа во голем стил за 4 од 5 во групната фаза.
Македонија има цел и засега цврсто оди кон неа.За нас е минато времето кога беше важно само да се учествува.Во Катар македонските ракометари дојдоа со зацртано четвртфинале и до него ги дели уште натпрецарот со Словенија. Репрезентација што според стилот потсетува на Австрија ,но е многу поквалитетна, вистинско искушение за селекцијата што претендира да биде меѓу најдобрите 8 во светот и да игра олимписки квалификации.
Денеска е ден за одмор, за освежување,враќање на силата, но и за подготовка за најзначајниот натпревар.Да се биде или не,победникот оди во четвртфинале,поразениот дома.Македонија ги освои симпатиите во Катар, му треба на шампионатот како показател дека желбата,борбеноста, но и националното чувство можат да донесат резулат,често и над објективните можности и рејтингот.Големиот ракометен спектакл од Доха,дуелот Македонија –Словенија ,утре само на МРТ.
Зоран Видевски, специјален известувач од Катар за МРТ
