Селекторот не жали што Македонија го избегна Катар за ривал во 1/8-финалето на СП

Обрван: Шансите со Словенија на неутрален терен ни се подеднакви

24.01.2015 13:07

Ивица Обрван е максимално спокоен на 24 часа пред осминафиналниот натпревар со Словенија на Мундијалот во Катар...

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван е максимално спокоен на 24 часа пред осминафиналниот натпревар со Словенија на Мундијалот во Катар.

„Видовме како играат, со Брестовац детално ги анализиравме до три часот изутрина. Ќе поставиме игра којашто нам ќе ни одговара. Нема дилеми дека Словенија е посилна од Катар, но сепак Катар е домаќин и подобро е да го избегнеме. На неутрален терен, во отворена борба каква што не очекува, шансите со Словенија ни се подеднакви“, смета Обрван.

„Ние го остваривме планот. Со осум бода во групната фаза, дури и го натфрливме. Бидејќи секој натпревар ни беше важен, можеби и се истрошивме малку повеќе, но свесни за тоа влегуваме во елиминациската фаза“, вели селекторот пред осминафиналето во коешто нема шанса за поправен испит.

„Турнирот не дозволува време секогаш да се бидете подготвени за секоја новост. Затоа, изненадувања не би требало да има. Она што и двете репрезентации го покажаа досега, очекувам да биде основа на нивната игра и утре“, изјави Обрван на официјалниот брифинг со македонските новинари во Доха. 

 

Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ