Закана пак од десно крило

Во осминафиналето - рампа за Гајиќ!

24.01.2015 14:02

Пред утрешниот осминафинален натпревар на Светското првемство во Катар, нашиот аларм најгласно свири на Драган Гајиќ...

Случајно или не, македонските ракометари повторно пред себе имаат огромна опасност од позиција десно крило. Пред утрешниот осминафинален натпревар на Светското првемство во Катар, нашиот аларм најгласно свири на Драган Гајиќ. Словенецот е прв стрелец на Мундијалот, а неговата ефикасност е фасцинантна. Ракометарот на Монпелје има 43 гола од 59 удари што значи дека дава седум гола од десет шута. За успех во „Ал Сад“ арената треба да имаме добра одбрана за него.

„За разлика од Чупиќ или од Вебер, Гајиќ е поинаков профил на играч. Тој не е толку опасен во позициони напади, но исклучително е брз и опасен на контри и на полуконтри, а тоа претпоставува дека ние треба да имаме сигурен напад и да не му дозволиме да дава лесни голови“, предупредува нашиот голман Борко Ристовски.

„Дојдов во Доха полн со самодоверба. Ми помагаат и соиграчите, нивните асистенции се круцијални. Немаме високи бекови шутери, па играме брзо и бараме празнини во противничките одбрани. Но јас не сум индивидуалец, ракометот е колективен спорт, па сите имаат своја улога“, објаснува 30-годишниот Гајиќ, кој котира високо и на листата на најдобри поентери на чиишто врв се наоѓа македонскиот капитен Кире Лазаров. Нашиот „бомбардер“ има 38 голови и 18 асистенции, односно вкупно 56 поени, четири повеќе од Жарко Марковиќ од Катар и 12 во однос на Гајиќ. Ова трио доминира и на листата на најдобри стрелци. Зад Гајиќ е Марковиќ со два гола помалку, а Кире заостанува за пет. Посакуваме работите да се менуваат уште утре на дуелот од 16 и 30. Македонија – Словенија директно на Прва во мундијалската емисија којашто ќе почне еден час порано.

 

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ