СП Катар 2015

Четири кандидати, два осминафинални билета

24.01.2015 17:03

Почиста е ситуацијата со Аргентинците и со Русите затоа што тие ќе се сретнат во меѓусебен дуел во Духаил...

Египет или Исланд од „Це“, Русија или Аргентина од групата „Де“? Последниот натпреварувачки ден од групната фаза треба да реши кои две репрезентации ќе го комплетираат осминафиналното друштво на Светското првенство во Катар.

Почиста е ситуацијата со Аргентинците и со Русите затоа што тие ќе се сретнат во меѓусебен дуел во Духаил. „Гаучосите“ се во предност затоа што им одговара и реми.  Имаат три бода, а „зборнаја“ два.

Германија, Полска и Данска веќе обезбедија место во елиминацискиот сегмент, а денешните средби ќе решат за тоа кој ќе има полесен противник во осминафиналето. Германците се во поволна позиција затоа што се први со седум бода, а ќе играат со аутсајдерот Саудиска Арабија, која досега ги загуби сите мечеви. Данска и Полска собраа по шест бода, па нивната пресметка во Лусаил е за втората позиција.

Нешто поголема комбинаторика нуди групата „Це“. Во неа Франција и Шведска во „Ал Сад“ арената ќе се надмудруваат за првото место. На „викинзите“ им одговара и реми затоа што имаат подобра гол-разлика. Доколку сака да биде прв, актуелниот олимписки и европски првак треба да триумфира. Поуспешниот од оваа средба ќе биде потенцијален противник на Македонија во четвртфиналето, се разбира доколку стигне до него.

Победнички императив има и за Исланд кој нема друга алтернатива во пресметката со Египет. „Фараоните“ се во осминафиналето, но за да бидат трети треба да освојат најмалку бод, а можат и до втората позиција со денешен успех над Исланд и доколку има победник на мечот Франција-Шведска.

Кон нокаут сегментот гледа и Чешка која со победата над Исланѓаните минатото коло се крена како „феникс“ и остана во игра за прогрес. Чесите имаат најлесна задача затоа што во завршното коло од групата ќе се сретнат со отпишаниот Алжир. Со два бода ќе се надеваат дека Исланд нема да триумфира над Египет. Во тој случај Чешка ќе има добитна комбинација и ќе биде четврта. Ако победи Исланд, за составот предводен од Филип Јиха нема да има опција за осминафинале.

Денешната програма во Катар почнува од 17 часот по македонско време. Нашата мундијалска емисија е од 18 и 30, а половина час потоа ќе се вклучиме во директниот пренос од дербито за првото место во групата „Це“ меѓу Франција и Шведска, Ракометните великани ќе го заситат нашиот апетит пред утрешното осминафинале на Македонија со Словенија. Натпреварот во арената „Ал Сад“ ќе биде од ................ часот, се разбира со пренос на Македонската телевизија.