Ал Атијах ни носи среќа
Ниту најголемата арена Лусаил (15300), ниту најмалата Духаил (5580), туку средната според капацитетот сала Ал Атијах е талична за Македонија по првата фаза од натпреварите во група на СП во Катар...

Македонската ракометна репрезентација не го менува местото на настанот и во осминафиналната пресметка со Словенија утре во 16.30 часот. Во арената Ал Атијах, каде што претходно ги совладавме Австрија, БиХ и Иран ќе ја биеме битката за историски пласман меѓу најдобрите осум селекции на Мундијалот.
Ниту најголемата арена Лусаил (15300), ниту најмалата Духаил (5580), туку средната според капацитетот сала Ал Атијах е талична за Македонија по првата фаза од натпреварите во група на СП во Катар.
На теренот на спортското здание што собира 7700 гледачи нашата репрезентација славеше три од четирите победи на шампионатот или во неа имаме максимален ефект, три од три а нашите навивачи приредија вистинско шоу во петокот кога многу духовито и симпатично со весници в раце и со валцер бранови ја прославија победата против Австрија.
Првиот триумф против Тунис го остваривме во Лусаил каде што се одржа спектакуларното отворање на СП, додека Духаил ни остана во непријатни сеќавања по поразот, единствен во групата од Хрватска.
Искрено посакуваме Ал Атијах да се претвори повторно во читална на македонските фанови. Со звуците на словенечката попевка да го испратиме противникот дома а нашите момчиња во четвртфинале.
Југослав Костовски, специјален известувач од Катар за МРТ
