Кире и Борко, дружба и игра!
Во македонската ракометна репрезентација лидер е Кире Лазаров. Не отсега, туку години назад. Кире е капитен, ја влече селекцијата и на Мундијалот во Катар. Трет стрелец е, а прв според бројот на поените...

Ракометот е колективен спорт во којшто, сепак, царуваат индивидуалци. Тимот е заслужен за играта на поединецот, но поединци го градат тимот. Каузална врска! Односот надвор е значајна алка во кохезијата на теренот. Едноставно, без атмосфера нема резултат.
Во македонската ракометна репрезентација лидер е Кире Лазаров. Не отсега, туку години назад. Кире е капитен, ја влече селекцијата и на Мундијалот во Катар. Трет стрелец е, а прв според бројот на поените, головите и асистенциите кобинирано. Но и другите се веќе етаблирани ракометни величини. Мојсо, Жути, Борко, сите имаат тежок ракометен габарит. Нивната комуникација на теренот, постојаните совети еден за друг, покажуваат дека во националниот состав има хиерархија, но и тесна соработка. А како е надвор од теренот?
Кире Лазаров е цимер со Борко Ристовски. Нашиот најдобар ракометар со голманот! Тоа е врската за триумф, за резултат, за историја! Ако едниот „решета“, а другиот брани, Македонија има големи шанси да ја мине Словенија во осминафиналето и да оди далеку на Светското првенство. Нивната мотивација е мотор за тимот, а во таа насока се и шегите упатени кон цимерот.
„Кире денеска беше насмеан кога стана од спиење. А тоа е добар знак. Не се грижете, ќе го контролирам“, прв „пецка“ Борко.
Лазаров како да не ја прифати „јадачката“ и возврати со акцент на спортскиот момент.
„Борко е искусен голман и сигурен сум дека ќе брани најдобро кога треба. Тоа што имаше послаб ден со Австријците нема да влијае на изданието против Словенија во осминафинелто. Тој брани во една од најсилните лиги во светот, а тоа искуство ќе биде драгоцено за овие шок натпревари“, убеден е Кире.
Убедени сме и ние. На Европското во Србија им влезе во шут на Словенците, зошто не и сега?
Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ
