Груевски: Нови странски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија
Првата планира да купи банкротирана фабрика кај нас, и со рестартирањето на производството на елементи за домаќинство да вработи најмалку 1.000 работници...

Ефектите од успешното роуд шоу во Индија веќе се наѕираат. Неколку компании пројавија сериозен интерес за инвестирање, изјави премиерот Никола Груевски за една од комерцијалните телевизии.
Првата планира да купи банкротирана фабрика кај нас, и со рестартирањето на производството на елементи за домаќинство да вработи најмалку 1.000 работници. Втората индиска компанија заинтересирана за бизнис во Македонија е третиот најголем произведувач на трактори и комбајни во светот. Премиерот најави и израелска инвестиција во бањски туристички центар во Старо Нагоричане и во Дојран со вработување на околу 500 работници. Сумирано, ефектот од досегашните инвестиции овозможуваат 28 илјади директни вработувања, оцени премиерот.
Говорејќи за политичките теми, претседателот на владата изјави дека посакува опозицијата да ја види во парламентот. Подготвен е да разговара за сите теми со исклучок на барањето за техничка влада и нови предвремени избори. Ние, изјави Груевски сме фокусирани на реализацијата на ветената програма, а СДСМ на црната кампања.
За новинарот Кежаровски вели, ниту знаел кој е ниту читал негови текстови. Пресудата, изјави премиерот е донесена според законот донесен во времето на СДСМ.
Стратегијата на актуелното раководство на СОНК ја оцени како неодговорна и непринципиелна. Соработката со овој синдикат досега беше одлична, но веројатно актуелното раководство, според премиерот одлучило преку ноќ да ја смени политиката, за да ја сочува челната позиција. Но, ова, вели Груевски е прочитано и затоа помалку од 10% од наставниците штрајкуваат.
Виолета Димовска
