Осминафинале, СП Катар 2015

Почнува битката за медалите

25.01.2015 10:11

Како и во Шпанија 2013-та кога загубија лесно од Данска, и во ова осминафинале Тунис ќе има тешка задача. Ќе се сретне со светскиот првак...

Шест од денешните осум репрезентации коишто се во трката за медалите на Светското ракометно  првенство беа осминафиналисти и на собирот во Шпанија пред две години. Австрија и Катар го играат првиот натпревар во мундијалска нокаут фаза. Домаќинот заврши втор во групата „А“ со четири победи и со еден пораз од бранителот на тронот Шпанија. Поради добрите изданија досега и пред се триумфот наа Словенија, Катарците се убедени дека можат да ја минат и оваа рунда.

„Во споредба со претходниот меч со Белорусија мора да напредуваме“, предупредува катарскиот селектор Валеро Ривера. Неговата репрезентација се надева на голема поддршка од гледачите во салата во Лусаил. Австрија покажа дека знае да игра, а третото место во групата со Хрватска и со Македонија му дава оптимистички пристап на селекторот Патракур Јоханесон.

Како и во Шпанија 2013-та кога загубија лесно од Данска, и во ова осминафинале Тунис ќе има тешка задача. Ќе се сретне со светскиот првак, но нивниот предводник, славниот тренер Сеад Хасанефендиќ верува дека ништо не е невозможно.

„Им верувам на моите играчи и верувам дека тие ќе одиграат најдобро, а тоа можеби ќе значи дека нашите соништа ќе се остварат“, вели Хасанефендиќ во најава на дуелот во Лусаил. Шпанците победија на претходните пет натпревари, но како и за сите фаворити во Катар, и за нив Мундијалот допрва почнува.

„Се уште немаме освоено ништо. Сакаме да бидеме претпазливи за наредните противници затоа што патот е долг“, вели десното крило Виктор Томас, клупскиот соиграч на Кире Лазаров од Барселона.

Од слични почетни позиции во меѓусебната пресметка ќе влезат Хрватска и Бразил. „Ако играме како со Шпанија и со Словенија, мислам дека можеме да триумфираме“, позитивен е бразилскиот корилар Жорди Рибера. На претходниот шампионат  Бразилците загубија од Русија во истата фаза, а и сега ја имаат улогата на аутајдери. Но, сепак, Иван Нинчевиќ е самоуверен. „Трчаат, се борат, удираат и нема да биде лесно. Но ние ќе победиме, затоа сме тука“, недвосмислено изјави хрватското десно крило.

Пред нас е исклучително возбудлив мундијалски ден. Во него на Првиот канал на Македонската телевизија ќе емитуваме два преноса. Мундијалската емисија со ексклузивни содржини од Доха ќе почне од 15.30, еден час подоцна е преносот од натпреварот Македонија – Словенија, а од 19.00 ќе ги гледаме Хрватска и Бразил.

Од утрешната осминафинална програма, исто така, ќе пренесуваме два натпревара: Шведска – Полска и Исланд – Данска.