Против Словенија за највисок мундијалски дострел
Македонија е на прагот на елитната светска осумка, којашто потоа носи и олимписки перспективи...

Како и пред две години, Mакедонија одново е во 1/8-финалето на ракометниот мундијал. Но катарската приказна е поразлична од шпанската, кога однапред ни беше јасно колку можеме против Германија. Овој пат е поинаку. Против Словенија, 1/4-финалето ни е реално достижно. Македонија е на прагот на елитната светска осумка, којашто потоа носи и олимписки перспективи.
„Најпозитивно е тоа што ракометарите мислат дека можат со секого. Тоа ми ја олеснува работата. Сите сме подготвени да гинеме за секоја топка, за секој гол, за секоја одбрана. Словенците ќе настојуваат со брза игра да искористат тоа што ние правиме замени, затоа ние ќе мора интелигентно да ги неутрализираме и да бидеме паметни“, вели селекторот Ивица Обрван.
Според него, турнирот не дозволува да подготовка за секоја можна новост. Затоа смета дека она што двата тима го покажаа досега ќе биде основа на играта и во овој дуел. Тешко дека некој некого може да изненади.
Спомените од Белград 2012 се се уште свежи, Македонија тогаш токму преку словенците избори олимписки квалификации. Овој пат тие ни се попатна пречка кон истата цел.
„Најважно е да бидеме сконцентрирани, со главата на терен. Ако е така, нема да имаме проблем со ништо“, оптимистички најавува голманот Петар Ангелов.
Сега и потоа којзнае кога.Македонија пред влез во најдобрите осум на светот. Ќе биде тоа круна на репрезентативната кариера на во моментов најдобриот десен бек на светот.
„Генерација сме којашто има големо искуство, а сега дојде времето да го покаже својот максимум. Во спортот нема повеќе случајности, ние знаеме како треба да одиграме, се надевам дека ние ќе бидеме и ментално и физички подготвени за остварување на целта“, вели Кирил Лазаров.
Мундијалското ракометно 1/8-финале, Македонија-Словенија, денеска во директен пренос на МРТ-1 од 16.30. Еден час претходно е и специјалната емисија посветена на СП во Катар.
Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ
