СП Катар 2015

Плитко и цврсто

25.01.2015 10:22

Одговорот на прашањето околу тактиката на нашата селекција најдобро го знаат во стручниот штаб, но иако немора ништо да значи и анализа на статистичките податоци од досегашните натпревари на Словенија може да укаже како против четвртопласираните од последното СП во Шпанија...

Како против Словенија, имаме ли шанси?-прашање што денеска најчесто се поставува во пресрет на осминафиналниот натпревар меѓу селекциите на Македонија и Словенија на Светското првенство во катар.За нас окарактеризаиран како историски бидејќи со победа македонската ракометна репрезентација ќе биде меѓу најдобрите 8 во светот што наедно би бил и најдобриот пласман во 4-те досегачни настапи на мундијалите.

Одговорот на прашањето околу тактиката на нашата селекција најдобро го знаат во стручниот штаб, но иако немора ништо да значи и анализа на статистичките податоци од досегашните натпревари на Словенија може да укаже како против четвртопласираните од последното СП во Шпанија.

А, статистиката вели дека во досегашните 5 натпревари во кои славеше 3 победи селекцијата на Словенија постигнала 160 голови од 231 упатен удар кон противничкиот гол што е околу 70 насто реализација или 54 насто ако се пресмета во однос на вкупниот број напади-296. Тоа е и показател дека играат побрзо од нашата селекција која од 275 напади постигнала 153 погодоци или реализирала околу 56 насто од нападите. Највпечатливо во играта на Словенија е што речиси и не шутираат од 9 метри.Од бековските позиции се обиделе само 31 пат, а постигнале скромни –незначителни само 6 голови . Тогаш кое е нивното најсилно оружје?

Одговорот повторно го дава статистиката.Од контра напади постигнале 40 погодоци и уште позначајно користејќи ја својата брзина и играта еден на еден со влезови од надворешните позиции на линијата од 6 метри се безмалку непогрешливи,односно погодиле 40 пати од 44 обиди. Брзата игра често им носи и грешки па на 5-те средби досега направиле 80 технички грешки или 25 повеќе отколку нашата репрезентација. Статистиката нуди уште многу податоци каде треба да посветиме најголемо внимание во натпреварот,но и вака површната анализа покажува дека одбраната ќе биде клучот на успехот. Колективната,цврста зона на 6 метри би требала да биде клучна да се запрат налетите на словенците, а нападот сигурен,со што помалку технички грешки,понекогаш бавен и досаден на работ на пасивност до чиста позиција за удар.

Вака изгледа едноставно, но на теренот во Ал Саад ќе биде жестоко, денеска од 16 часот и 30 минути.

Зоран Видевски, специјален известувач од Катар за МРТ