Каков е патот до Олимписките игри?
Македонските ракометари дојдоа на катарскиот мундијал со желба да останат во игра за пласман на Олимпијадата во Рио. Светскиот првак ќе обезбеди автоматско учество...

Како и во Пекинг во 2008 и во Лондон во 2012, машкиот и женскиот ракометен олимписки турнир ќе содржи по 12 репрезентации. Директен пласман на него има само домаќинот, со селекции во двете конкуренции. Другите места ќе бидат пополнети преку Светското првенство во Катар, континенталните квалификациски турнири и со олимписките квалификации во пролетта 2016.
Македонските ракометари дојдоа на катарскиот мундијал со желба да останат во игра за пласман на Олимпијадата во Рио. Светскиот првак ќе обезбеди автоматско учество на Игрите, а селекциите коишто ќе се пласираат од второто до седмото место ќе заработат настап на олимписките квалификации. Предвидени се три турнири на три различни континенти. На секој турнир ќе има по четири репрезентации, а најдобрите две ќе одат на Олимпијадата во Рио.
Значи шест учесници на тие турнири ќе бидат познати по тековното Светско првенство, а преостанатите шест откако ќе бидат одржани континенталните квалификации.
***
Квалификации за Олимписки игри во Рио:
-директно пласирани: Бразил и светскиот првак од Катар 2015
-четири континентални позиции: Победниците на следните настани ќе обезбедат директен пласман во Рио: ЕП 2016 во Полска, Африкански шампионат Египет 2016, Пан-американски игри Торонто 2015, Азиски квалификациски турнир Катар 2015.
-шест позиции од олимписките квалификациски турнири: Репрезентациите од второто до седмото место на СП во Доха ќе играат на олимписките квалификациски турнири, како и по еден победник на континенталните олимписки квалификации во Африка, Азија, Европа и Пан Америка. Уште по едно место (вкупно две) ќе добијат и најдоброрангираните континенти од СП во Катар 2015.
Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ
