СП Катар 2015

Подобро да игравме со Словенија

25.01.2015 10:29

Нема дилеми дека хрватите се огромни фаворити, но непредвидливата игра на Бразил ги предупредува на внимание па нивниот стратег Славко Голужа ...

Како дополна на денешната понуда на македонската телевизија од светското првенство во Катар покрај натпреварот да се биде или не за македонската селекција против Словенија ќе го пренесуваме и осминафиналниот дуел меѓу селекциите на Хрватска и Бразил.

„Кариоките“ за  разлика од сите други во Катар не бркаат место во квалификациите за олимписките игри во Рио 2016-тата бидејќи се домаќини и со самото тоа имаат обезбедено пласман,што ги прави опасен противник за сите бидејќи играат растоварено, без притисок,а и немаат што да загубат.

Предводени од шпанецот Ривера на клупата со две победи над Белорусија и Чиле го обезбедија настапот во осминафиналето, но и ја подигнаа самодовербата па најавуваат дека се подготвени за победа над трофејната Хрватска. Евентуален пласман во четвртфиналето за нив би бил историски-најдобар резултат на светските првенства,а оптимизмот го поткрепуваат со наводно откриените слаби страни во играта на хрватската репрезентација.

Нема дилеми дека хрватите се огромни фаворити, но непредвидливата игра на Бразил ги предупредува на внимание па нивниот стратег Славко Голужа не крие дека бразилците се непријатен противник: „Мислам дека за нас ќе беше многу подобро во осминафиналето да играме со Словенија отколку со Бразил“-кратко изјави Голужа по групниот расплет и формирањето на осминафиналните двојки.

 

Зоран Видевски, специјален известувач од Катар за МРТ