Македонија - Словенија низ бројки
Најголемиот дел од репрезентативците на Македонија и Словенија од тие дуели се и во Катар и ќе бијат прва мундијалска битка...

Ракометните селекции на Македонија и Словенија се судираат четврти, пат меѓусебно во официјални натпревари. Последниот беше на ЕП во Србија 2012 на 27 јануари кога во Белградската арена нашите ракометари во меч за петото место славеа со 28-27 и го постигнаа најголемиот успех на големите настани досега. Кире Лазаров со 8 и Стојанче Стоилов со 6 гола беа најефикасни во македонскиот состав, додека Доленец и Лука Звижеј со по 7 односно 6 погодици се истакна кај поразените.
Претходно имаме одиграно два квалификациски дуела за ЕП 2008 во кои Словенците биле поуспешни. На 9 јуни 2007 во Марибор предводени од Брумен и Гајиќ со вкупно 15 гола домаќините победиле со 33-28. Седум дена подоцна во реваншот во Скопје триумфирале со 33-32, интересно Козлина и Зорман тогаш со вкупно 13 гола биле добитниот тандем.
Најголемиот дел од репрезентативците на Македонија и Словенија од тие дуели се и во Катар и ќе бијат прва мундијалска битка.
Сега во значајниот двобој за пласман меѓу осумте најдобри и олимписки перпективи, актуелниот четври на светот од претходниот Мундијалот во Шпанија, е фаворит во обложувалниците. Но, хартијата трпи се, а фаворитите не победуваат секогаш па овој товар го носи Словенија која во своите редови во Катар го има моментно најдобриот стрелец, крилото Гајиќ. Тој има постигнато 43 гола, или 5 повеќе од нашиот бомбардер Кире Лазаров кој пак е најкорисен ракометар во досегашниот тек на првенството со 38 гола плус 18 асистенции.
Процентите се на страна на Словенците во поглед на вкупната реализација на ударите. Втората по ефикасност селекција со 160 гола, по Шпанија која има само два повеќе, има процент на реализација од 69. Македонија на петте претходни дуели на кои обезбеди четири победи 153-те гола ги постигна со 64% релизација.
За тоа од каде доаѓа најголемата опасност и што треба да се коригира за да се дојде до посакуваниот триумф статистиката вели:
Македонија најмногу голови дала од 9 метри – 36/91 во однос на Словенија која е многу тенка со 6 од 31.
Од шест метри сме погодиле 34 од 46 обиди (74%), а денешниот ривал 30/46 (65%).
Во ударите од 7 метри нашиот тим е поуспешен со реализација од 84% (21/25), наспроти словенешкиот тим кој има 17/24 или 71% реализација.
Мала преднсот имаат крилните играчи на Македонија кои имаат ефект 21/27 или 78% за разлика од Словенија со 27/35 или 77%.
Истиот процентуален однос но во корист на Словенија е во поглед на ефикасноста во контранападите. Ние 27/35, тие 40/51.
Во сегментот дефанзива со Словенците сме исто така изедначени и се наоѓаме меѓу шесте „најгруби“ репрезентации по Египет, С.Арабија, Исланд, Австрија и БиХ. Избраниците на Ивица Обрван имаат 31 исклучување а пулените на Борис Дениќ две повеќе.
Кај голманите кои можат драстично да влијаат врз епилогот работите стојат вака:
Борко Ристовски има одбрането 49 удари од 154 упатени кон неговиот гол со процент од 32, додека подобрата голманска половина на Словенија Примож Прост има ефект од 36% или 36/100.
Но, статистиката е помошна наука и бројките не мора многу да значат и да влијаат врз исходот од осминафиналниот мундијалски дуел Македонија-Словенија што се игра од 16.30 во Ал Атијах арената во Катар, со директен пренос на МТВ.
Југослав Костовски, специјален известувач од Катар за МРТ
