Еко- зоните можност за побрз индустриски развој

25.01.2015 13:21

Од општина Босилово истакнуваат дека новите измени би можеле да го развијат локалниот економски развој во руралните општини...

Давање земјиште без пари или под многу мал закуп, неплаќање комуналии и веќе направена инфраструктура – се дел од предвидените измени во законот за зелени индустриски зони кои треба да ги зголемат можностите кај домашните инвеститори за вложување. Од општина Босилово истакнуваат дека новите измени би можеле да го развијат локалниот економски развој во руралните општини.

„Ние како општина сметаме дека зелените индустриски зони се добри за локалниот економски развој. Ова ќе биде особено погодно за нас, малите рурални општини“, вели Љупчо Колев, градоначалник на општина Босилово.

Станува збор за Еко – зони кои ќе работат во делот на незагадувачки индустриски капацитети, органско производство, обновливи извори на енергија, рециклирање, а крајната цел е заштита на животната средина, како и отворање на нови работни места.

Локалните власти велат дека просторите околу населените места Иловица, Штука и Дрвош би можеле да бидат погодни за отворање на зелена индустриска зона во општина Босилово.

„Таму има ридско планинско земјиште кое може да биде искористено за вакви капацитети. Притоа нема да се земе дел од првокласното земјоделско земјиште“, додава меѓудругото Љупчо Колев, градоначалник на општина Босилово.

Трската во Моноспитовското блато, добивање биомаса од производите, отпадоците и остатоците од земјоделско производство, како и добивање на соларна енергија се првите потенцијални можности на Еко – зоната во Босилово.

Катерина Давчева