Предизвикана голема материјална штета, поплавите однесоа и еден живот

25.01.2015 18:58

Во струмичкиот регион водената стихија стивна, но останаа последиците. Материјалните штети се големи, но надојдените води однесоа и еден човечки живот...

Мирис на кал и тиња, исфрлена постелнина и мебел. Ваква е сликата во поплавените села во струмичко кои пред еден ден мака мачеа со водената стихија. Најмалку 250 граѓани од селата Дабиле, Просениково, Муртино и Сачево поднесле барање за утврдување штети. Едно од нив е семејството на Ленче Тодорова од Дабиле. За кратко време, водата навлегла во домот во висина од 80 сантиметри.

„Не можевме да се организираме, не можевме ништо да извадиме и да спасиме оти бевме сигурни дека ќе нема поплави“, вели Ленче Тодорова.

Водата не ги поштеди ниту стопанските капацитети. Во пластениците со цвеќе кај Владевци, Василево, останаа само откорнати стебла, превртени саксии. Сопоствениците велат дека и досега имало поплави, но овојпат штетите им се најголеми.

„Штетите се катастрофални. Станува збор за десет илајди метри квадратни кои се целосно уништени. И не само тоа, туку тука веќе нема да можеме да засадиме цвеќе повторно“, вели Валентина Василева- Диневска, сопственик на цвеќара.

Денеска состојбата е стабилизирана. Проблемите со надојдените реки и полни канали во југоистокот започнаа во петокот претпладне од Радовиш и Гевгелија, анаредниот ден во струмичко.

Водата на реката Вардар се излеа кај селото Бистренци и дојде близу пумпата со која селото се снабдува со вода. Од излеаните води на Вардар блокиран е и патот кон Демир Капија.

Најверојатно, надојдените води на реката Конска кај селото Моин во гевгелиско се причина за смртта на 59-годишна жителка на истото село. Таа била пронајдена удавена во коритото на Конска река, без траги на насилство, соопшти МВР.

 

Катерина Давчева