Афера „Вотергејт“ и во Србија

25.01.2015 19:39

Во Србија со недели се водат политички игри околу злоупотребите на прислушкувањето на Военобезбедоносната агенција на судии, синдикати, политичари. Аферата ја покрена српскиот омбудсман...

Кој како, кого и зошто прислушкува, се прашањата за кои медиумите и јавноста  во Србија со денови се прашуваат. Се почна со изјавата на омбудсманот Саша Јанковиќ кој изјави дека Военобезбедоносната агенција не сака да му ги достави документите за инцидентот меѓу полицијата и припадниците на ВБА кои го обезбедуваа братот на премиерот Вучиќ шро се случи на Парадата на гордоста

„Постојат сознанија кои укажуваат дека ВБА се занимава и со работата на одделни политички партии, со активностите на синдикатите, без одлука на судот“, изјави Саша Јанковиќ, омбудсман, заштитник на граѓаните на Р.Србија.

Јанковиќ додаде дека оперативно се прислушкуваат и судии. По оваа изјава бурно реагираа судиите, синдикатите и опозицијата, која побара оставка на министерот за одбрана, Братислав Гашиќ.

„Бараме да бидат сменети заради скандалот. Кога омбудсманот изнесува вакви сознанија, тогаш тоа е знак дека ѓаволот ја однел шегата“, изјави Бојан Пајтич, претседател на ДС.

Јанковиќ пак изјави дека не се чувствува безбедно поради заканите. Но, почна да ги обелоденува полициските документи поврзани со аферата и поднесе кривични против припадници на српската војска.

Реагираше министерот за полиција Стефановиќ кој објави нови документи со кои се тврди дека омбудсманот не е во право. Се огласи и министерот за одбрана Гашиќ.

„Јас не очекувам од Јанковиќ да ми се извини. Но очекувам, кога обвинителството и судот ќе ја завршат истрагата, да се видат безобразието и невистините“, рече Братислав Гашиќ, министер за одбрана на Р.Србија.

Според законот, Агенцијата е надлежна за контраразузнавачка заштита и делува само ако сторителите се припадници на Министерството за одбрана и на војската.

Обвинителството и судот ја почнаа постапката, но само за случајот со инцидентот со парадата на гордоста и вмешаноста на ВБА. Сеуште остануваат  неодговорени обвинувањата околу злоупотребите на прислушкувањето на Военобезбедоносната агенција на судии, синдикати, политичари.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ