Сириза води на изборите во Грција

25.01.2015 20:02

Иако победата на Сириза е речиси извесна, за неколку часа ќе се знае и дали Ципрас ќе го освои потребното мнозинство од 151 пратеник за да може самостојно да формира влада...

Според првичните резултати од денешните предвремени парламентарни избори во Грција, опозициската Сириза остварува големо водство од околу 13 проценти пред Нова Демократија. Мнозинството од 10 милиони гласачи во Грција го дадоа својот глас за радикални промени.

Сириза засега има освоено 37, 5 проценти од пребројаните гласови, наспроти Нова Демократија која што досега има 25 проценти.  Третото место во моментов го делат Златна Зора и Потами, со по 7,2 проценти освоени гласови.

Иако победата на Сириза е речиси извесна, за неколку часа ќе се знае и дали Ципрас ќе го освои потребното мнозинство од 151 пратеник за да може самостојно да формира влада.

Според последните информации, во седиштето на Сириза веќе се прославува и таму полека пристигнуваат голем број членови и симпатизери на партијата.

Вo однос на Македонија, веќе е познато дека и Ципрас и Самарас официјално застануваат зад грчката црвена линија во однос на името, но и зад непочитувањето на основните човекови права на македонското малцинство во Грција.

 

Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина