Има многу причини!
Дојдоа во Катар по мундијалско четвртфинале. Беа скромни, не се креваа високо, но најавија квалификации за Олимпијадата во Рио. Не успеаја! А во спортот се квантифицира токму тоа – успехот или неуспехот...

Може ли да имате 4-2 и да сте во негатива? Да газите сигурно и да не стигнете никаде? Да не стигнете таму каде што сакате? Може! Македонските ракометари парцијално победуваа, а севкупно загубија! Дојдоа во Катар по мундијалско четвртфинале. Беа скромни, не се креваа високо, но најавија квалификации за Олимпијадата во Рио. Не успеаја! А во спортот се квантифицира токму тоа – успехот или неуспехот.
Словенија беше бариерата во осминафиналето во натпреварот што можеби доби преголема тежина. Не ја одреди судбината на сегашната генерација, но беше силен тест за нејзината зрелост. За подготвеноста да се одигра во ист ритам во турнирски систем. Во него пресудува свежината, менталната стабилност. Против Словенија ние ја немавме.
„Можеби, не можеби, туку сигурно се истрошивме. Некои наши играчи беа на теренот 60 минути, а за разлика од Словенија ние немаме толку врвни ракометари кои може да ги ротираме. Ние не ја биравме Словенија, игравме чесно. Не бевме на ниво како во групната фаза, решаваа нијанси, а тоа е доволно“, рече селекторот Ивица Обрван по натпреварот.
Одигравме најслабо кога најмногу требаше. Со Тунис покажавме квалитет, со Иран рутина, со Босна искуство, со Австрија можност да победиме и кога не сме во нашиот зенит. Хрватска ја сметаме за великан, па поразот не ни зададе тежок удар. Но против Словенија не бевме свои! Одбраната дозволуваше лесни голови, голманите не можеа да помогнат, со исклучок на Кире Лазаров, бековите не го дадоа потребниот придонес. Крилата немаа лоши бројки, но промашија во завршните моменти кога се обидувавме да ја завршиме потерата по ривалот. Црвениот картон на Миркуловски, промашените пенали и зицери... Има доволно причини. Нека е и среќата!
„Среќата треба да се заслужи, а ние не ја заслуживме. Беа подобри“, искрено вели нашиот голман Борко Ристовски.
„Многу е тешко кога бркате реултат. Се трошите ментално и физички. Шкоф бранеше, тоа е тоа. Нашите амбиции беа поголеми“, признава капитенот Кире Лазаров.
Немавме енергија! Дел од играчите не беа во врвна форма. Не посакуваната, туку онаа што претходно ја достигнуваа во репрезентативните или во клупските настапи. А на светско првенство не се може без перфекција. Играчка и организациска. Тоа е!
Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ
