Словенија, Хрватска, Катар и Шпанија во најдобрата осумка
Во денот во којшто Македонија потклекна пред Словенија, пласман во елитната светска осумка, покрај нашиот ривал, обезбедија уште и Катар, светскиот првак Шпанија и Хрватска...

Македонија целеше кон четвртфиналето, но испадна уште на почеток од нокаут-фазата. Поразот од 30-28 значеше пакување на куферите за дома и многу веројатно деветто место во конечното мундијалско рангирање. Во денот во којшто потклекна пред Словенија, пласман во елитната светска осумка, покрај нашиот ривал, обезбедија уште и Катар, светскиот првак Шпанија и Хрватска.
Селекцијата-домаќин, којашто настојувавме да ја избегнеме, мина во друштвото на најдобрите со осминафиналниот триумф над Австрија од 29-27. Иако Катарците претходно имаа само еден пораз, Австријците силно се бореа и до крај беа резултатски во игра. Вистинските солуции за тврдоглавата австриска одбрана Валеро ривера ја најде во продолжението. Во мечот во којшто Жарко Марковиќ беше најефикасен со 8 гола во катарскиот тим, конечната разлика сепак не беше според претпоставките. За место во полуфиналето, Катар ќе игра со поуспешниот од дуелот Германија-Египет.
Иако важеше за апсолутен фаворит, Хрватска до последните секунди трепереше во соочувањето со Бразил. „Кариоките“ долго и пркосеа, на полувреме водеа со два гола разлика (15-13), имаа предност и на единаесет минути пред крајот (22-21), а дури и во финишот во којшто решаваа една или две топки, беа на ниво и даваа максимум. Сепак, поголемиот квалитет и искуството на Хрватите дојде до израз во самата завршница, па многу потешко и со повеќе потрошена енергија отколку што очекуваа, победија тесно со 26-25 и се пласираа меѓу најдобрите осум. Марко Копљар со пет гола им беше прв стрелец. Во четвртфиналето ги очекува Шведска или Полска.
Најубедливата осминафинална победа ја извојува Шпанија. Светскиот првак го доби Тунис со 28-20, откако триумфот го обезбеди уште на полувреме со водството од 18-9. Тоа му даде можност на шпанскиот селектор да калкулира со силите, да зачува дел од енергијата на оние на коишто најмногу се потпира. Шпанскиот голман Гонзало Перез де Варгас имаше 14 одбрани, а Кристијан Угалде беше најефикасен со шест гола. Наредна пречка на „фуријата“ ќе биде Данска или Исланд.
Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ
