Две дербија за место во топ 8
Шведска и Полска ќе се судрат меѓу себе за четвртфинале против Хрватска. Во нивниот двобој никој не може да смета дека има предност...

Шест европски репрезентации, плус Египет и Аргентина ќе се борат понеделнички за последните четири места во четвртфиналето на Светскиот Шампионат во Катар. Додека Франција и Германија се фаворити против Аргентина и Египет, дуелите меѓу селекциите од стариот континент се очекува да бидат израмнети.
Шведска и Полска ќе се судрат меѓу себе за четвртфинале против Хрватска. Во нивниот двобој никој не може да смета дека има предност. Двете селекции ги загубија последните мечеви од групната фаза. „Викинзите“ потклекнаа пред Франција и завршија втори, поради што налетаа на Полјаците, коишто по неуспехот против Данска беа трети во нивната група. перспективите во Катар можеби не им се најсветли, но и едните и другите можат да се носат со Хрватска. Пренос од овој натпревар на МРТ-1 ќе емитуваме во 16.30.
Во подоцниот термин од 19 часот, фокусот ќе биде на средбата Данска-Исланд. Тие ќе играат за четвртфинале против Шпанија. Откако без пораз и второпласирани ја завршија групната фаза, во случај на триумф над Исланд, финалистите од претходните две првенства, Данците, овој пат ќе мораат многу порано против светскиот првак. Осминафиналниот дуел со Исланѓаните ќе биде значаен за данскиот селектор Гудмундсон, којшто освои сребро со својот Исланд на олимпијадата во 2008. И овој меч директно ќе го пренесуваме на МРТ-1.
Германија е со поизразити шанси од Египет во пресметката во којашто влог ќе биде четвртфинале со Катар. Иако на мала врата влегоа на првенството, Германците оставија подобар впечаток и решени се да го искористат поволниот дел од шемата. Египет на ова првенство делува сосема солидно и се до поразот од Исланд во последното коло од групата беше во игра и за повисок пласман.
Ако некаде не треба да има неизвесност, тоа е дуелот меѓу Франција и Аргентина. „Гаучосите“ се пријатно изненадување во Катар, но против најсупериорната селекција во последната деценија објективно тешко дека нешто можат да бараат. Победата над Русија и ремито со Данска треба да им останат во убави спомени, но тоа им е реално максимумот, иако „триколорите“ предупредуваат дека нема лесни противници во осминафиналето. На патот кон височините, ќе им претстои Словенија.
Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ
