СП Катар 2015

Големи и во поразите

26.01.2015 10:29

Дали треба да бараме виновници? -Не, затоа што оние што толку често ни носеа радости, оние што толку често не прават горди одново се подготвени да го изнесат товарот, да ја преземат одговорноста и да ја прифатат вината. А можеа да ја обвинат лошата среќа...

„Среќата треба да се заслужи, ние не ја заслуживме“- колку само искреност, подготвеност да се преземе вината врз себе, да не се бара кај друг или во лошата среќа.

Македонија го заврши настапот на Светското првенство во Катар. Денот потоа е секогаш најтежок. Дали треба да бидеме разочарани? -Да, зошто чувствувавме дека имаме сили и квалитет макар за уште една победа, за четвртфинале за продолжување на олимпискиот сон.

Дали треба да бараме виновници? -Не, затоа што оние што толку често ни носеа радости, оние што толку често не прават горди одново се подготвени да го изнесат товарот, да ја преземат одговорноста и да ја прифатат вината. А можеа да ја обвинат лошата среќа, судиите за црвениот картон на Миркуловски за можеби дискутабилни исклучувања, за најразлични престапи и пробивања, но не. Како што на теренот го подметнуваат грбот подготвени за ќотек од противничките дефанзивци, подготвени да крвават и буквално низ примерот на Стоилов, така подготвено ја презедоа и вината.

Да бидам искрен при замањето изјави веднаш по натпреварот свесно се обидував да ги насочам нашите ракометари кон барање оправдувања, подготвен да преземам врз себе дел од гневот, разочараноста кај љубителите на спортот и илјадниците селектори по мечот. Но, не. И покрај нереализираните пенали, серијата погодени пречки и стативи, нашите ракометари се обвинија себеси.

Неверојатен пример за големина и во поразите. И прашањето: Дали секој од нас би го направил истото?

А можеа, да се повикаат и на среќата, на судењето, на лошиот ден. Можеме да им забележиме за се и сешто, но никако за борбеноста, за желбата, за подготвеноста да го остават срцето на терен, и тоа во ситуација кога веќе денеска голем дел од нив се враќаат во непознато.

Дали ќе се вратат во Металург, дали ќе ги примат заостанатите плати, како натаму ќе обезбедуваат егзистенција. Сето тоа им тежеше и пред и за време на првенството, но го оставија зад себе, го потиснаа некаде длабоко затоа што требаше да се бранат боите на Македонија, не кукаа, не бараа оправдување.

Можеме да бидеме лути, гневни, да бараме виновници, но не меѓу ракометарите. Зарем мислите дека некој повеќе од нив посакуваше победа. Да им се придружиме во големината и по поразите.

Понеделник. 12-ти ден во Катар. Сончево, пријатно утро. Или како за кого.

Празнина, чуство на горчина, прашање: Што сега?

Македонија го заврши настапот на Светското првенство- реченица што се повторува со неверување. Повеќе ништо не е исто во Доха.

 

Зоран Видевски, специјален известувач од Катар за МРТ