Општините мобилизирани за санација на штетите од поплавите

26.01.2015 13:08

Се уште е критично во долниот тек на Вардар, каде што се заканува излевање на реката кај Демир Капија и во Гевгелиско. Во Струмица се проценуваат штетите каде беа поплавени голем број домови и земјоделска површина...

Се санираат штетите по изобилните дождови кои викендов предизвикаа сериозни проблеми во Југоисточниот дел на земјава. Од Автомото сојузот на Македонија соопштуваат дека сообраќајот на патниот правец Демир Капија кон село Корешница е нормализиран.

Забраната за движење на патот Киселица - Злетово во општина Пробиштип поради свлечиште се уште останува, а штетата на мостот на патот Радовиш-Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.

Се уште е критично во долниот тек на Вардар, каде што се заканува излевање на реката кај Демир Капија и во Гевгелиско. Во Струмица се проценуваат штетите каде беа поплавени голем број домови и земјоделска површина.

Општината ја мобилизираше целата механизација за одбрана од надојдената вода.

Екипите на Македонија пат се на терен и работат на расчистување на повеќе патни правци, кои поради невремето беа затворени за сообраќај.