Стартува екстерното тестирање за учениците од завршните години во средните училишта

26.01.2015 13:24

Средношколците велат дека имале доволно време да се подготват бидејќи ги добиле прашањата еден месец пред оценувањето...

Почна екстерното тестирање за учениците од завршните години. Средношколците велат дека имале доволно време да се подготват бидејќи ги добиле прашањата еден месец пред оценувањето.

„Полагав математика, поминав многу лесно, не беше воопшто тешко... Полагав компаративна книженост, ги имавме прашањата така што беше релативно лесно“, велат дел од средношколците.

Мали задоцнувања со старотот на екстерното имало во неколку училишта. Раководствата на дел од скопските училишта ги направиле сите контроли за да се надминат сите проблеми.

„Тестаторите се на своите работни места, списоците беа благовремено истакнати, во моментот тестирањето си тече“, изјави Татјана Стојанова Дуева.

Во гимназијата „Орце Николов“ и покрај најавата за штрајк, екстерното се спроведе. Поголеми проблеми при оценувањето нема во гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин“, „Васил Антевски Дрен“ и „Ѓеорги Димитров“ .

„Полагав англиски јазик, процесот добро се одвиваше“, вели еден средношколец.

Учениците кои неоправдано биле  отсутни од тестирањето  нема да добијат свидетелство,  останатите ќе бидат тестирани во друг термин.

Со оценувањето се опфатени околу 20.000 ученици и 3.900 наставници. Оценувањето ќе трае до 30-ти овој месец, а резултатите ќе бидат објавени на 2 февруари. 

 

Викторија Тодоровска