Грција по изборите: Пресврт во политиката за штедење
Ципрас кој што пред изборите најави дека од денеска Грција ќе заврши со нарачките од странство, во вчерашниот победнички говор уште еднаш порача дека изборните резултати претставуваат одлука на грчкиот народ против програмите за штедење...

Грција од денес има нова влада, Алексис Ципас е новиот грчки премиер. Тој попладнево од претседателот на државата, Каролос Папуљас, го прими мандатот за фомрирање нова влада, по што ја даде и свечената заклетва. Ципрас застанува на чело на новата коалициска влада со Независни Грци на Панос Каменос.
На вчера одржаните предвремени парламентарни избори во Грција, Сириза освои 36, 32 проценти од гласовите односно 149 пратенички места и за само два пратеника не успеа да го добие потребното мнозинство за самостојно да формира влада.
Второпласирана е Нова демократија на Самарас со 27,81 отсто и 79 пратенички места, трета е Златна зора со освоени 17 пратенички места, а четврти завршија Потами со исто толку пратеници во новиот парламент. Во неговиот состав влегуваат и Комунистичката партија на Грција, Независни Грци и ПАСОК.
Ципрас кој што пред изборите најави дека од денеска Грција ќе заврши со нарачките од странство, во вчерашниот победнички говор уште еднаш порача дека изборните резултати претставуваат одлука на грчкиот народ против програмите за штедење.
„Грција го остава зад себе штедењето кое што доведе до уништување. Одлуката на грчкиот народ недвосмислено ги откажува сите програми за штедење. Пораката на грчкиот народ ја прати Тројката во историјата на нашата заедничка европска рамка“, истакна Ципрас во победничкото обраќање.
Неговиот ривал и премиер во заминување Самарас му ја честиташе победата уште пред прогласувањето на официјалните резултати, нагласувајќи дека волјата на народот мора да се почитува.
„Грчкиот народ го кажа своето и сите ние ја почитуваме нивната одлука. Мојата совест е чиста, го избегнавме најлошото, го вративме кредибилитетот на земјата и ги поставивме основите за враќање кон растот“, истакна Самарас.
Наскоро се очекува да биде објавен и составот на новата грчка влада.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
