Домување: Четири петини од лифтовите не ги исполнуваат техничките барања

26.01.2015 17:26

Групацијата за домување бара да се прилагодат нормативите, затоа што станарите не можат финансиски да ги покријат високите трошоци...

Строги нормативи, не се знае чиј е лифтот. Дали е на станарите или е во ингеренции  на управителот. Фирмите за домување алармираат. Четири петини од лифтовите не ги исполнуваат техничките барања, а староста најчесто надминува 20 години. Се бара законодавецот да го дефинира газдата, а станарите навреме да собираат пари доколку  лифтот не го мине редовниот годишен сервис. 

„Треба да се вложат многу средства. Тие достигнуваат од 2.000 - 2.500 евра до 5.000 и се голем трошок за станарите“, смета Васе Самараков, претседател на Групацијата за домување при Стопанската комора.

Групацијата за домување бара да се прилагодат нормативите, затоа што станарите не можат финансиски да ги покријат високите трошоци.

„Се бара комуникација на тој што е во лифтот со надворешноста, вратите да имаат заштита, да имаат паник светла. Високи норми, што за жал над 80% од лифтовите ги немаат тие норми“, вели Лефко Лазаревски, потпретседател на Групацијата за домување.

Компаниите велат дека во просек 70 до 80% од станарите редовно ги плаќаат сметките, но некои доцнат и по 3-4 месеци.

Дозвола за исправност не можат да добијат ниту лифтови кои добро функционираат, но немаат интерфон, паник светло или посебна заштита на вратите.

Во зависност од услугите месечните трошоци за домување се движат од 250 па до 1.500 денари од стан. Тие покриваат се, вклучувајќи го и тековното одржување на лифтовите, но не и годишните прегледи и евентуалните поправки.

За резервниот фонд и неговата употреба одлучуваат станарите, а не управителите.

Свето Николовски