Трговија

31 јануари – последен рок за фискални со ГПРС

26.01.2015 17:32

Во сабота истекува рокот за воведување на новите фискални апарати со ГПРС уред. Од Управата за јавни приходи со апел: да не се чека 5 до 12. Оние што нема да го инсталираат новиот уред ќе заработат парични казни, но им се заканува и привремено затворање на објектите...

Дел од трговците се снабдени, дел се уште прашуваат и се информираат, но роковите газат. До 31 треба да се набави новиот фискален апарат со ГПРС уред.

„Сметаме дека со ова значително ќе се намали печатената документација, се воведува електронска евиденција за регистрирање на фискалниот промет“, изјави Ана Наумовска, менаџер на маркет.

Овластените производители имаат полни раце работа. Очекуваат најголем промет во последната недела, поучени од досегашното искуство.

„Во 95% од времето продаваме 5% од касите, а потоа во 5% од времето ќе ги продадеме 95% од касите“, вели Коце Петров, овластен производител.

„Сега сите сакаат да направат фискализација, сметам дека ќе има метеж. Меѓу 25 и 31 сите ќе сакаат да ја завршат обврската“, смета Мими Атанасова – Зикова, овластен производител.

Законската обврска треба да ја испочитуваат луѓе од најразлични професии.

„Во Македонија има обичај, на извршителите и на нотарите веднаш да им се плати, а на адвокатите кога ќе се има пари. Сега, со фискалните каси, ние сме приморани да ја вршиме наплатата, бидејќи сме ДДВ обврзници кои данокот го плаќаат однапред“, изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Сега, Управата за јавни приходи многу лесно ќе ги детектира субјектите кои затајуваат данок. Даночниците во секој момент ќе можат да извршат електронска контрола, без притоа физички да го посетат даночниот обврзник.

„Очекуваме во претстојниот период да се намали бројот на контроли, а УЈП да се насочи кон ризичните даночни обврзници“, изјави Весна Новаковиќ, портпарол на УЈП.

Замената на старите со нови фискални каси е на товар на државата. Потрошените пари ќе им бидат вратени на компаниите преку даночно порамнување.

Од Управата за јавни приходи велат дека со промената на фискалните апарати ќе им се намалат трошоците на компаниите, но и дека ќе се елеминираат нелојалната конкуренција  и досегашните злоупотреби, а ќе се подобри фискалната дисциплина.

До крајниот рок се очекува оваа обврска да ја завршат меѓу 50 и 55 илјади даночни обврзници. Ако немате апарат со ГПРС, ќе се смета како воопшто да не поседувате фискална каса.

Мартин Пушевски