За Сириза, спорот со името во втор план

26.01.2015 18:09

Билтералните односи може да се развиваат, но дека ќе дојде до придвижување на спорот за името не сме оптимисти. Домашни аналитичари за односите Македонија- Грција по изборите...

Сириза и Ципрас ја освоија победата, но сега треба да се оправдаат сите смели и популистички слогани кажани во кампањата – коментираат за МТВ познавачите на приликите во Грција.

Обичниот грк веќе не може да го стега ременот, од таму Ципрас мора мудро да влезе во разговорите за враќање на долгот, но тој е неискусен – коментираат  за МТВ поранешниот македонски амабасадор во Атина, Љупчо Арсовски и аналитичарот Сашо Клековски.

Ципрас во разговорите со европската тројка може да има радикални барања, но нема да наиде на разбирање кај нив.

„Не знам колку можат да донесат нешто ново. Од тие причини тој секако ќе мора да се потпре на министри во владата што имаат искуство“, вели поранешниот амбасадор во Атина, Арсовски.

„Било какво попуштање кон Грција ќе отвори многу поголема лавина на барања во многу поголеми земји, со многу поголеми проблеми“, смета аналитичарот Клековски.

Ниту Арсовски, ниту Клековски не се оптимисти дека новата влада во Грција може да се заложи за решавање на спорот со името. Особено што Грција ја преживува тешката економска криза. Активирање на билатералните и продлабочување на економските односи во секој случај, но не и поактивни разговори за името.

„Дали попријателскиот став на видни членови на Сириза во однос на Македонија, можат да доведат до одмрзнување на билатералните односи, е друго прашање и можеби попрво таму може да очекуваме некое поместување, отколку во поместување во спорот за името“, вели Клековски.

„Може да се очекуваат според мене одредени помстувања, најпрво во комуникацијата. Би дошло до одредени средби на соодветни министри- економија, надоврешни работи, она што е битно за една европска земја како што е Грција и една проевропска земја како Македонија“, нагласува Арсовски.

Дали Ципрас со Сириза ќе ја врати надежта на грците останува да се види. Изборите завршија и започна одењето по тенкиот политички мраз.

 

Миле А. Ристески