Фаворитскиот квартет без грешка!
Франција, Данска, Германија и Полска. За неутралните ракометни вљубеници посакуван расплет имаше понеделничката осминафинална програма на Светското првенство во Катар. А во фазата во којашто се најдобрите осум, Данците ќе одат на Шпанија, Франција на Словенија, Германците ќе го уриваат сонот на домаќинот, а Полска ќе се сретне со Хрватска.

Франција, Данска, Германија и Полска. За неутралните ракометни вљубеници посакуван расплет имаше понеделничката осминафинална програма на Светското првенство во Катар. А во фазата во којашто се најдобрите осум, Данците ќе одат на Шпанија, Франција на Словенија, Германците ќе го уриваат сонот на домаќинот, а Полска ќе се сретне со Хрватска.
Во дербито во „Ал Сад“ арената, полската репрезентација ја совлада Шведска со 24-20. Дуелот на двете земји коишто ќе ги организираат Европските првенства во 2016-та мина во изедначена игра. Предводени од браќата Јурецки кои дадоа по пет гола, Полјаците го контролираа ритамот и резултатот, а на тој начин се приближија до четвртиот мундијалски медал. Без Ким Андерсон, четирикратниот светски првак немаше сили за да го направи завршниот чекор.
Другите осминафинални дуели не понудија резултатска нишалка. Французите ги прегазија Аргентинците со 33-20. Играа рутински, но со доволна мотивација за да се забележи нивната желба за 12-от медал од големите собири во новиот милениум. „Триколорите“ не беа на подиумот пред две години, па со огромна енергија го одиграа мечот со немоќните „гаучоси“. Омејер имаше 13 одбрани и уште на почетокот ја откажа Аргентина, а Порт со шест гола беше најефикасен кај Французите.
Шанса немаа ниту Исланд и Египет. „Фараоните“ не можеа да ја пробијат германската одбрана којашто го доби натппреварот во Лусаил. На крајот беше 23-16 за трикратниот светски шампион кој од 2007-ма чека можност да допре мундијалски трофеј. Лихтлајн одбрани 20 топки, а кормилари на германскиот тим беа и крилата на Рајн Некар, Генсхајмер со шест и Грецки со пет гола.
Во подредена позиција беше и Исланд против Данска. Постојано имаше голема негатива, а на крајот загуби со 30-25. Полуфиналистот од претходните четири светски првенства газеше сигурно иако пред катарскиот мундијал загуби во пријателски натпревар. Данскиот селектор, Исланѓанецот Гудмундур Гудмундсон, ја доби пресметката со своите сонародници, а вторпат на собирот во Катар победува свој колега тренер, исто така Исланѓанец. Шмит постигна шест гола за Данска, а Ландин нанижа 14 интервенции.
Со ваков расплет, пред нас е големото четвртфинално дерби меѓу Данска и светскиот првак Шпанија, а тоа ќе биде реприза на финалето од 2013-та кога славеше „армадата“. Победникот од ова соочување во полуфиналето ќе оди на Франција или на Словенија. Во другата половина од натпреварувачкото стебло се Полска против Хрватска и Катар против Германија. Четвртфиналната битка е в среда, а тогаш ќе бидат и преносите на Македонската телевизија. Полска – Хрватска од 16.30 и Данска – Шпанија од 21 часот.
Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ
