Крис Марфи: Македонија е подготвена за членство во НАТО

27.01.2015 09:13

Македонија е поподготвена за членство во НАТО и од Црна Гора, но сите се свесни дека додека не се отстрани блокадата од Грција, Македонија не може да стане членка, изјави американскиот сенатор и член на комитетот за надворешни работи во Сенатот, Крис Марфи...

Трпението на Македонија која со години чека за членство во НАТО и во ЕУ поради блокадата од Грција е при крај, истакна американскиот сенатор Крис Марфи во Вашингтон. На прашањето од МРТ дали во Вашингтон ќе се јави загриженост ако Македонија се повлече од разговорите со Грција по повеќекратното прекршување на Времената спогодба, сенаторот одговори:

„Секако дека ќе создаде загриженост во Вашингтон. Јас сочувствувам со ставовите на Македонија околу одложувањата за овие одлуки за членство. Во САД ќе има голема загриженост ако има одлука за заминување на Македонија од учество. Имаме нов амбасадор во Македонија којшто знам дека работи добро. Ние внимателно ја набљудуваме ситуацијата и се надевам дека подкомитетот за европски прашања ќе продолжи да ја следи. Јас ќе советувам комитетот и во наредниот период да биде поактивно вклучен во регионот, а особено во Македонија, каде расте фрустрацијата и не е време да се запре прогресот со откажување од членството во НАТО и ЕУ“, изјави американскиот сенатор Крис Марфи.

Како член на комитетот за надворешни работи на Сенатот, Марфи е добро запознат со ситуацијата на Западниот Балкан и смета дека САД мора да ја вратат довербата кај земјите кандидати, дека вратата за прием на НАТО е се уште отворена.

„Македонија е подготвена за членство во НАТО, во некоја мерка повеќе е подготвена и од Црна Гора. И двете се мали земји кои придонесуваат за НАТО. Сите се свесни дека додека не се реши спорот со името, дека најверојатно Македонија нема да стане членка. Ова е опасноста од оставање на страна на нерешени конфликти“, нагласува Марфи.

САД и ЕУ треба да работат со новата грчка влада за деблокада на евроатланските интеграции на земјите од Западниот Балкан, смета сенаторот Марфи, додавајќи дека ова е во интерес и на Америка поради намалување на руското влијание во регионот.

САД засега сакаат да го вратат влијанието на Балканот со инвестиции во енергијата, со експлоатација на природниот гас.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ