Без Македонија, Мундијалот во Катар многу поразличен за нас

Се разгорува на фронтот во Доха, од утре трка по медалите

27.01.2015 09:36

И додека нашите ќе можат да ги оладат главите и во мир и спокој да се опуштат по напнатите и напорни два месеца, во Доха се разгорува фронтот кон трофеите. Исцртан е патот кон завршницата...

По елиминацијата на Mакедонија, Светското Првенство како да е сосема друг турнир. За сите наши овде во Катар коишто десетина дена живееја со македонскиот тим, за сите коишто таму далеку пред ТВ екраните трепереа кога „црвено-жолтите“ војуваа на теренот. Тие се вратија дома, сигурно разочарани, но не со наведнати глави. Го остварија највисокиот дострел досега на ваквите собири. Посакуваниот чекор поблиску до Рио не го направија, но останува можноста Европското во Полска наредниот јануари сепак да ги насочи кон Копакабана.

И додека нашите ќе можат да ги оладат главите и во мир и спокој да се опуштат по напнатите и напорни два месеца, во Доха се разгорува фронтот кон трофеите. Исцртан е патот кон завршницата. Ништо невообичаено, ракометот е европски спорт, па седум репрезентации од стариот континент плус Катар го сочинуваат четвртфиналното друштво.

Селекцијата-домаќин е првиот азиски тим во најдобрите осум на светските првенства по 1997. Според прикажаното досега, сосема заслужено, иако неподелен е впечатокот којшто провејува овде дали инстант-вредноста на катарската екипа навистина е долгорочен проект или се ќе биде додека не мине меракот, па богатата пустинска земја не се пренасочи на нешто попривлечно. Можеби уште двобојот со Германија ќе им стави до знаење дека преку ноќ не се станува ракометна велесила.

Пред две години беа четврти, но откако овој пат нас не испратија дома, Словенците наидуваат на Франција. „Триколорите“ не блескаат, но нивна елиминација утре би била првокласна сензација. Франција нема намера да си оди одовде без трофеј.

Надмоќ каква што се очекуваше досега не покажа ниту Хрватска. По бразилските маки, „коцкестите“ ќе имаат полска задача. Можеби најпогоден ривал за вистински блесок и за нова хрватска кандидатура за медал.

Кулминација на четвртфиналето, сепак, ќе биде двобојот Шпанија-Данска. Пред две години во Барселона „црвената фурија“ во разурнувачки стил го освои златото. Поради групите, овде судирот им е многу порано. Шпанците веќе зедоа залет и јасно ставаат до знаење дека сакаат да останат на врвот, Данците се во опасност по две финалиња едноподруго да се најдат во аут многу порано отколку што тежнеат.

Се вжештува во Доха. Не само времето. Зоврива на терените. Ние за жал останавме без можноста барем уште некој ден да се радуваме, или да тагуваме, сеедно. Пред нас е сепак можноста да посведочиме на изградбата на ракометниот поредок во светот за наредните две години.

Македонската Телевизија ќе биде докрај со мундијалските возбудувања во Катар. 

Драган Николовски, сепцијален известувач од Катар за МРТ