СП Катар, индивидуална статистика

Лазаров и натаму лидер

27.01.2015 10:05

Лазаров има 73 поени, 45 голови и 28 асистенции на одиграните шест средби...

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, остана лидер на листата на поени на Светското првенство во Катар и по осминафиналната фаза. Со оглед на елиминацијата на нашиот национален состав, Лазаров ќе одигра помал број натпревари од најблиските ривали, па веројатно ќе биде потиснат, но засега неговото име е на врвот на овој статистички податок, еден од најрелевантните за одредување на најдобрите играчи на шампионатите.     

Лазаров има 73 поени, 45 голови и 28 асистенции на одиграните шест средби. Зад него е Жарко Марковиќ од Катар со осум поени негатива, но тој ќе има уште три мундијалски настапи, првиот во четвртфиналето со Германија, а потоа два во битката за пласман од петтото до осмото место. Трет е Родриго Салинас од Чиле, кој со својата селекција ќе има уште еден меч, за 23-тата позиција против Алжир. Во првата петка се и Данецот Микел Хансен со 56 и нам добро познатиот Словенец Драган Гајиќ со 54 поени. Токму Гајиќ е прв според бројот на постигнати голови, има 52, три повеќе од Марковиќ и седум од Лазаров. Хрватот Чупиќ заостана на последните две средби, па иако ја изрешета нашата мрежа, има дури 21 погодок помалку од Гајиќ.

Во графата за асистенции прво е името на Данецот Микел Хансен со 34 додавања за гол. Кире Лазаров е втор со 28, а Шпанецот Раул Ентрериос има 25. Можеби токму дуелот на асистентите Хансен и Ентрериос ќе го одреди текот на дербито на четвртфиналната фаза меѓу Данска и Шпанија. Репризата на финалето од Светското првенство пред две години ќе оди во пренос на Македонската телевизија, утре од 19 часот, а од 16 и 30 е преносот соочувањето меѓу Хрватска и Полска.

 

СП Катар, четвртфинале, утре:

Хрватска – Полска (МРТ1, 16.30)

Катар – Германија

---------------------------

Данска – Шпанија (МРТ1, 19.00)

Франција - Словенија   

 

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ