Македонија најдобра во регионот по економски слободи

27.01.2015 10:14

Македонија е позиционирана во групата земји со економски умерена слобода, а со 67,1 бод е над просекот во светот и во Европа...

Според Индексот на економски слободи за 2015– та, Македонија е рангирана како најдобра во регионот, на 24-то место во Европа и на 53-то во Светот. Традиционално Индексот заеднички го подготвуваат фондацијата „Херитиџ“ и „Волстрит журнал“.

Македонија е позиционирана во групата земји со економски умерена слобода, а со 67,1 бод е над просекот во светот и во Европа. Според извештајот, Македонија има подобрување во борбата против корупцијата, каде што има 44 бода и слободата на трговијата со 86,2 бода.

Во другите критериуми, Македонија има 91,4 бодови кај фискалната слобода, 79,2 кај слободата на работењето, 76,1 бод кај државната потрошувачка, 70,7 за слобода на пазарот на работната сила и 60 бодови за инвестициските и финансиските слободи.

Во изминативе години Македонија напредуваше во рангирањето на индексот на економски слободи во најголем дел од креитериумите.

Земјата има конкурентен даночен систем и трговски режим, како и релативно ефикасна регулаторна рамка што поттикнувачки влијае на приватниот сектор, се вели во извештајот.

Од земјите во регинот во годинашниот индекс на економски слободи, Бугарија е на 55-то, Албанија на 63-то, Црна Гора на 66-то, Турција на 70-то, Хрватска на 81-то, Србија на 90-то и Грција на 130-то место. 

Во рангирањето, на врвот се Хонг Конг, Сингапур и Нов Зеланд, а на крајот на листата се Венецуела, Куба и Северна Кореја.