СП Катар 2015

Само Тунис, Египет и Катар во мундијалскиот ракометен крем досега

27.01.2015 12:59

Европјаните доминират и во последната деценија. На најголемиот планетарен ракометен собир во 2005 Тунис на своја почва беше четвртопласиран и го изедначи најголемиот успех на неевропска селекција досега на Мундијалите...

На СП во Катар уште една четвртфинална рамка има речиси комплетен европски матерјал. Селекцијата на Катар е натрапникот меѓу осумте најдобри на овој Мундијал. Домаќинот испиша ракометна историја и по Јужна Кореа во 1997, стана само втората ракометна земја од Азија што обезбедила место во топ 8 репрезентациите на СП.

Европјаните доминират и во последната деценија. На  најголемиот планетарен ракометен собир во 2005 Тунис на своја почва беше четвртопласиран и  го изедначи најголемиот успех на неевропска селекција досега на Мундијалите. Африканците во главната фаза ги совладаа Чешка и Русија, ремизираа со Словенија и во полуфиналето загубија од Шпанија со 33-30. Во борбата за историја и за бронзен медал беа поразени од Франција со 26-25.

Четири години претходно и Египет пропушти шанса за историска бронза. Откако во четвртфиналето ја елиминира Русија. Во мечот за финале загуби од Франција 24-21 а во малото финале беше поразен од Југославија со 27-17.    

Во Германија 2007 повторно Тунижаните беа најуспешниот неевропски претставник со освоено 11 место по победата над Чешка со 25-21 во натпреварот за пласман.

Две години подоцна во Хрватска немаше друга селекција освен европска во четвртфиналната шема. Најдобропласирана неевропска беше Ј. Кореа која во битката за подобар пласман беше поразена од Македонија со 32-31.

На СП во Шведска 2011, по европската низа од 1-11 се вметна  јужноамериканска нијанса.  Во мечот за 11-то место Германија славеше против Аргентина тешка победа  по две продолженија со 40-35.

И конечно на претходниот ракометен Мундијал во Шпанија повторно Тунис на 11-то место , беше најдоброрангирана  неевропска репрезентација. Во осминафиналето африканскиот адут загуби од Данска со 28-23.

Дали Катар пред своја публика ќе успее да испише нова историја и да стане првиот азиски претставник  во друштво на големата мундијалска четворка , ќе бида познато по нивниот двобој со Германија утре кога се играат и другите три четвртфинални натпревари: Хрватска – Полска, Франција – Словенија и Шпанија – Данска.

 

Југослав Костовски, специјален известувач на МРТ од Доха