Заложничка драма во Либија

27.01.2015 15:16

Зад нападот стојат петмина припадници на Исламска држава. Досега агенциите јавуваат за 8-мина загинати...

Вооружени напаѓачи упаднаа во луксузен хотел во дипломатскиот кварт во главниот град на Либија, Триполи. Убија петмина странски државјани и тројца припадници на обезбедувањето на „Коринтија“ и држат непознат број заложници. Од Агенцијата за безбедност велат дека хотелот е опколен и во тек се напори за справување со напаѓачите.

Во порака на Твитер, огранок на Исламска Држава во западна Либија соопшти дека нивни борци упаднале во хотелот познат по тоа што во него често престојуваат странски дипломати и либиски функционери. Повеќето гости на „Коринтија“ биле државјани на европски земји и од Турција

Според менаџерот на „Коринтија“, биле петмина маскирани напаѓачи кои упаднале пукајќи во воздух. Вработените реагирале на време и ги евакуирале гостите пред напаѓачите во панцири да се судрат со обезбедувањето и да детонираат автомобил-бомба на паркингот.

Нападот се случува во момент кога во Обединетите нации се во тек преговори за решавање на либиската политичка криза која ја фрли земјата во бран на насилства по граѓанската војна во 2011.

 

Ивана Салтировска