„Мој Термин“ со висока меѓународна оценка

27.01.2015 16:54

Една од клучните успешни реформи во македонското здравство е електронскиот систем „Мој Термин“, кој доби висока меѓународна оценка...

Република Македонија направи напредок во извештајот на Европскиот здравствен потрошувачки индекс за 2014 година – оцени министерот за здраство Никола Тодоров кој во Брисел имаше обраќање на тема „Што е тајната на рапидниот напредок на македонските здравствени перформанси“.

„Во овој извештај, Македонија е рангирана сериозно повисоко во однос на претходната година и е земја со најголем раст на ранкингот за здравствени услуги и од 28-мо место на кое бевме во 2013-та година, годинава сме на 16-тата позиција во Европа“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Според Тодоров, една од клучните работи што е успешна реформа на македонското здравство е електронскиот систем „Мој термин“, што е високо оценет како еден уникатен европски систем. На денешната презентација претседателот на здравствената организација „Куќа на здравјето на потрошувачите“, Арне Бјонберг  го препорачува  овој систем и на останатите европски држави.

Бев активен во продажба на решенија за здравствениот систем на ИБМ повеќе од 20 години и чекав толку години за да видам некој да направи нешто, а што уште одамна беше технички возможно. Најимпресивно е дека Вие тоа го направивте, бидејќи она што го прави системот е да го елиминира времето за чекање во здравствениот систем. Никој друг нема ништо слично на она што го има Македонија во здравствениот систем“, изјави Бјонберг.

Од многуте реформи во здрството Министерот ги издвои и задолжителното користење на електронски рецепт, потоа електронски централен регистар за лекови, со што е направена значителна рационализација на трошоците, односно намалени се цените на околу 4.000 лекови и неверојатна финансиска заштеда од околу 36 милиони евра. 

Сепак Тодоров посочи и дека постои потреба за реконструкција и обновување на медицинската инфраструктура, дополнителна нова медицинска опрема, како и зголемување на достапноста на најновата генерација на лекови

Состојбата, активностите и предизвиците кои ги презема и се соочува македонското здравство, но и ресорното министерство, беа тема на денешната средба на министерот Тодоров сo еврокомесарот за здравство, Викентис Андриукаитис.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ