Осигурениците ќе имаат детален увид во стажот

27.01.2015 17:10

Осигурениците ќе имаат целосна контрола дали нивниот работодавач ги пријавил на полно работно време. Два пати годишно ќе добиваат известување за стажот и за платите. Во почетокот податоците на вработените ќе им бидат доставувани преку газдата, а потоа и самите ќе имаат електронски увид...

318 илјади осигуреници два пати годишно ќе добиваат известување за стажот и платите. Од 15-ти јануари Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија почна со доставување на податоците. Осигурениците ќе имаат увид дали се пријавени со полно или скратено работно време и како им се исплаќа придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

Според првиот човек на ССМ точните податоци за стажот и платите ќе претставуваат и добра основа за брзо одлучување за правото на пензија.

Ќе се елиминира една состојба која беше присутна, на пример работник кој очекува да замине во пензија да утврди дека работодавачот пет години нема исплатено социјални придонеси. Со ажурирањето ќе им се овозможи на работниците да бидат во тек со начинот на остварување на нините права во однос на пензиското и социјалното осигурување, изјави претседателот на ССМ, Живо Митревски.

За почеток известувањата за стажот и платите ќе се доставуваат преку работодавачот, а од јуни годинава на осигурениците ќе им се овозможи и електронски увид.  

„Имаме еден циклус на информации кој им обезбедува драстична и поповолна позиција на граѓаните да го остварат ова право на социјално осигурување“, додава Митревски.

Доставувањето на податоците треба да заврши заклучно со 15 февруари годинава. Самовработените и индивидуалните земјоделци прегледите ќе ги добиваат на адресата која ја доставиле при воспоставување на приемот во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

 

Сунчица Николоска