Претседателот на СОНК тужи осум членови на синдикатот за клевета

27.01.2015 17:24

Неделков ова не го смета за притисок. Во меѓувреме ресорното министерство информира дека ученици во Битола биле попречувани да одат на екстерно тестирање...

Не двајца, туку осуммина членови на СОНК добиле тужби од претседателот Јаким Неделков. Првиот човек на синдикатот за образование решил да ги тужи своите колеги наставници поради штрајкот. Прашан – дали на овој начин покажува дека нема демократски капицитет и толеранција кон слободното изразување на останатите членови, тој одговара:

„Сосем скромно побарав оштета од нив заради клевета, заради повреда на чувствата, заради нанесена душевна болка итн. и тоа воопшто не е притисок“, вели  Неделков.

Јаким Неделков вели дека редовно соработувал и ги подржувал политиките на владата, но, тврди дека работите не се смениле преку ноќ, туку дијалогот што се водел бил јалов и во услови кога се зголемија платите за 60 насто, а од пред неколку месеци следеше и ново покачување за 4 насто. Освен тоа 7.000 наставници добија вработување на неопределено работно време.

„Констатиравме дека имаме јалов социјален дијалог, каде всушност од добриот партнерски однос, на СОНК кон ресорните министерства, конкретни резултати немаше“, рече Неделков.

Денеска на средба со СОНК и со министерот Адеми беше Мартин Ромеро, претседател на европската конфедерација на синдикати за образование.

Инаку, штрајк на просветните работници ќе има и во Србија, но, поради дополнителното кратење на платите за 10 насто и планот за намалување на бројот на вработени и отпуштање на наставници.

Во меѓувреме, преку соопштение мон информира дека матурантите од училиштето  Киро Бурназ во Битола, биле спречени да одат на тестирањето, а тоа се случувало и во тетовските средни училишта.

Од министерството со апел до раководствата на училиштата и до сонк да не ги злоупотребуваат учениците , бидејќи тоа ќе им направи само  штета.

Државниот испитен центар соопшти дека екстерното тестирање за матурантите  тече успешно во речиси сите градови низ државава. Според информациите од тестаторите и набљудувачите, оценувањето е завршено или минало без проблеми во голем број од општините.

Во дописот до медиумите стои дека екстерното успешно се рализира  и во скопските средните училишта.

 

Викторија Тодоровска