Нуланд: Решението за името е и во полза на Грција

27.01.2015 19:52

Спорот со името предолго трае и најитно е да се најде добро решение за надминување на јазот поради кој Македонија не може да стане членка на НАТО и на ЕУ, изјави американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд во Вашингтон. Според неа, САД ќе го зајакнат влијанието на Балканот и ќе иницираат дијалог и со новата грчка влада за решавање на отворените прашања во регионот...

Оваа година Соединетите Американски Држави двојно ќе го засилат влијанието на Балканот, изјави американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд. Вашингтон ќе соработува со новата грчка влада, но смета дека спорот со името трае предолго и мора што побрзо да се реши.

„Се надеваме дека ќе можеме да се вратиме на дискусијата со грчката влада и да се обидеме да го решиме долгогодишниот спор, поради кој е невозможно Македонија да биде примена во Европската Унија и во НАТО: Продолжуваме да се надеваме дека ќе се дојде до добро решение, бидејќи надминување на овој јаз за членство не е само во интерес за стабилноста на Македонија и на Балканот, туку е во интерес и на самата Грција. Се надеваме и со нив ќе имаме дискусија“, изјави Викторија Нуланд, американски помошник државен секретар.

Стабилноста на Балканот зависи од продолжување на политиката на отворена врата на НАТО и на Европската Унија, оцени Нуланд, додавајќи дека Америка ќе работи со земјите од регионот на унапредување на демократските процеси, борбата против корупцијата и енергетската независност од рускиот гас. Ситуацијата во Украина и санкциите против Русија, сепак ќе бидат главни приоритети на американскиот Стејт Департмент.

Американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд побара ренесанса на транс-атланската соработка за да се оствари целат за цела, мирна и слободна Европа.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ