На ракометното СП во Катар

Промоција на полуфиналниот квартет

28.01.2015 09:14

Од 16.30, со пренос на МРТ 1, четвртфиналето го отвораат Хрватска и Полска. Шест години откако загубија во полуфиналето на првенството во Загреб, по што ја освоија бронзата, Полјаците сакаат одмазда...

На ракометниот Мундијал во Доха денеска кројка за полуфиналето. Во Лусаил и во Ал Сад, седум европски селекции и домаќинот Катар во бој за влез во трката за медали.

Од 16.30, со пренос на МРТ 1, четвртфиналето го отвораат Хрватска и Полска. Шест години откако загубија во полуфиналето на првенството во Загреб, по што ја освоија бронзата, Полјаците сакаат одмазда. Овде обезбедија олимписки квалификации, но планираат и враќање на пиедесталот. Една година пред да бидат домаќини на наредното Европско, нивниот пробив дотука не е изненадувачки. Одушевија со осминафиналната победа над Шведска, но пред нив сега ќе се исправи Хрватска. „Коцкестите“ беа непреодни за нив и лани на ЕУРО, што им создава и психолошки  товар. Сепак, неубедливите изданија на Хрватите досега, особено маките против Бразил во топ 16, навестуваат занимлива и неизвесна борба до последен здив.

Во истиот термин, Германија ќе биде показател за вистинската моќ на Катар на ова првенство. И пред две години „панцерите“ мораа против домаќинот во оваа рунда.. Тогаш испаднаа од Шпанија, но сега имаат чиста шанса првпат по златото во 2007 да стигнат до четирите најдобри. Катар веќе го оствари најголемиот успех, но смее ли некој да го потцени тимот на Ривера во којшто главни потпори се Марковиќ и Шариќ. Посебно што и Германците на шампионатов влегоа низ мала врата, со вајлд-карта, иако еве ги сега далеку, во неочекувано висок лет.

Хит на денот е репризата на финалето од пред две години. Ждрепката за групите беше безмилосна. Овој пат турнирот рано ќе остане без некој од великаните, Шпанија или Данска. По шесте последовни победи, бранителот на титулата делува незапирливо. Непоразени досега се и „сребрените“ од последните два големи настана, Светското 2013 и Европското 2014. Лесните осминафинални победи над Тунис и Исланд им беа само загревање, ова е битката во којашто еден ќе мора да капитулира и да ја осиромаши борбата за трофеи. Преносот  на МРТ-1 е од 19 часот.

Во истиот термин, маршот кон завршницата ќе го продолжат и Франција и Словенија. Пред две години, Словенците изненадувачки се вброија во најдобрите четири, а Французите првпат пропуштија полуфинале по 2001. Овде во Доха немаат намера тоа да им се повтори. Моќни се, супериорни, Аргентина ја минаа лесно и импресивно, што е најава дека на своја кожа тоа ќе го почувствува и селекцијата којашто ја испрати  дома Македонија. Како актуелни олимписки и европски прваци, „триколорите“ најавуваат нов ракометен гренд-слем.

 

Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ