Корошилов на листата на ски-великаните
Корошилов блесна на ноќниот слалом во Шладминг и во голем стил ја извојува најголемата своја спортска победа...

Александар Корошилов на патеката во Шладминг го вгради своето име и името на Русија на победничката листа од Светскиот куп во алпско скијање. Корошилов блесна на ноќниот слалом во Шладминг и во голем стил ја извојува најголемата своја спортска победа. Тој беше уверливо најбрз во првата трка. Свесен за историската своја шанса, беспрекорно танцуваше низ вратите и во втората. Неговиот надмоќен настап беше изразен со 1 секунда и 44 стотинки подобар резултат од Италијанецот Стефано Грос. Трето време на целта оствари Германецот Феликс Нојројтер со заостанување од 1.51 секунда.
Александар Корошилов долго е на белите скијачки патеки, но во доцните свои спортски години го прави посакуваниот резултатски прогрес. Има 30 години, роден е на далечнниот исток од Русија, на Камчатка, но неговата скијачка база е токму австрискиот Шладминг каде што го оствари најголемиот свој спортски успех досега. После 34 години, тој е првиот руски скијач со победа во Светскиот куп. Негови претходници беа од времето на СССР, Александар Жиров со 4 победи во слалом и велеслалом во 1981 година и Валериј Циганов кој истата година победи во спуст.
По осмиот слаом во сезоната во водство е Германецот Феликс Нојројтер со 540 бодови, а во генерален пласман лидер е Австриецот Марсел Хиршер со 1014 бодови. Трката во Шладминг беше последната пред Светското првенство, кое ќе се одржи во Бивер Крик во САД од 3-15 февруари.
