САД: Ситуацијата со невремето се стабилизира, њујорчани се уште ја чекаат снежната луња
Има или нема снежно невреме на североистокот од САД? По најавите на американските светски телевизиски мрежи, се покажа дека алармот на повеќе места не е точен. Сепак, во Пенсилванија и Конектикат, невремето предизвикува застој во сообраќајот, додека њујорчани се уште ја чекаат снежната луња, наречена бомбастично „Бомбоџенезис“...

Ситуацијата во делови од САД се нормализира иако невремето и натаму трупа снег. Во сојузната држава Масачусец е повлечена забраната за патување, но невремето остави без струја речиси 35 илјади домаќинства.
Предупредувањата остануваат во сила во Мејн, Њу Хемпшир и Роуд Ајленд. На делови од источниот брег снежната покривка достигна 90 сантиметри. Во Бостон на сегашните 50 се очекува да паднат уште 30 сантиметри.
„Чистиме по улицата, но погледнете колку бзро паѓа! Снегот е лесен, па ветрот повторно го дува на улицата“, вели жител на Бостон.
„Колку често можете да шетате низ Бостон на крос кантри скии?!“, вели Сузан Миријан, жителка на Бостон.
По најавите за историско невреме, Њујорчани се разбудија со само неколку сантиметри снег. Градските власти мораа да се правдаат за паниката што ја предизвикаа и првото затворање на метрото во историјата поради снег.
„Прогнозата беше доста точна ако го земете предвид северо-истокот. Историско невреме имаше во Бостон и во Масачусец. Њујорк е друга приказна. Но метеорологијата е секогаш несигурна во оваа област“, изјави Маршал Шепард, метеоролог.
„Ова не е невреме. Во Њујорк ова е како да паднала прашина. Смешно е што го викаат ова невреме“, вели Кертис Брил, жител на Њујорк.
Сепак, во Њујорк останува во сила предупредувањето за снежно невреме и се очекува да напаѓаат 30-тина сантиметри снег. Поради ова остануваат затворени училиштата и државните згради.
На трите главни аеродроми во големото јаболко беа откажани 2.700 летови. Најдобро се снајдоа жителите на Њу Хемпшир кои организираа голема борба со снежни топки.
Ивана Салтировска
